Skip to main content

Редовна седница

Пецаков избран за претседател на Советот за развој на Југозападниот плански регион

Пецаков нагласи дека ќе биде отворен за соработка со цел да добијат што повеќе средства и да се реализираат проекти, особено во руралните средини, бидејќи тие имаат лимитирани средства и не се во иста состојба како поголемите општини од Регионот.
 |  инфодеск  | 
Кирил Пецаков

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков е избран за претседател на Советот за развој на Југозападниот плански регион на денешната редовна седница, со мандат од една година, согласно Законот за рамномерен регионален развој.

Заблагодарувајќи се за изборот, Пецаков нагласи дека ќе биде отворен за соработка со цел да добијат што повеќе средства и да се реализираат проекти, особено во руралните средини, бидејќи тие имаат лимитирани средства и не се во иста состојба како поголемите општини од Регионот.

Кризните моменти со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа во државата не се решени и во таа смисла потребно е мобилизирање на сите субјекти со цел да се надминат проблемите во нивното функционирање, како и во подобрувањето на квалитетот на услугите кон граѓаните, и од страна на општините, но и од страна на комуналните претпријатија – рече Пецаков.

Улогата на Советот и на Центарот за развој на Регионот, ја оцени како позитивна, бидејќи, нагласи, се реализираат значајни регионални проекти кои ги подобруваат условите на населението.

Советот на денешната редовна седница ја утврди листата на регионални проекти со кои Центарот за развој ќе аплицира кај домашните и меѓународните донатори во текот на оваа година.

Во таа насока, веќе е завршена постапката на селекција и утврдување на проектите со кои ќе се аплицира кај Бирото за регионален развој. Станува збор за три проекти со кои ќе се подобрува енергетската ефикасност во сите девет општини во Регионот преку поставување фотонапонски панели и реконструкција на јавни објекти, а ќе се подобрува и локалната патна инфраструктура. Вкупната вредност на проектите е околу 56 милиони денари, средства што се обезбедени во централниот буџет на државата – информира Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Преку Центарот за развој во овој период се реализираат проекти во Македонски Брод, Кичево и Дебар, а се очекува и отпочнувањето со активностите за реконструкција на Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид за што е добиен грант од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.