Skip to main content

Пецаков: Изгледот на Кеј Македонија во сезона не е пријатна слика, но е концепт кој треба да пoстои

Урбаната опрема на Кеј Македонија, такси превозот и концертите во шпицот на сезоната беа тема на седницата на Совет резервирана за советнички прашања. Опозицијата побара од градоначалникот да ја сподели со советниците и јавноста неговата визија за следното лето односно дали нешто од проблемите кои го мачат туристички Охрид ќе се промени на подобро. Изгледот на Кеј Македонија на лето, за градоначалникот не е пријатна слика, но според него е концепт кој сепак треба да продолжи. Додека пак за самоволието на такси превозниците, се уште нема лек.
 |  Маја Савиќ  | 

Каква е визијата на градоначалникот на Охрид и локалната самоуправа за претстојното Лето 2025 година од аспект на урбаната опрема и игрите на отворено на улица Кеј Македонија, концертите збиени во шпицот на сезоната и проблемите со такси превозот во сезона? Ова прашање беше упатено до градоначалникот на последната седница на Совет од страна на координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Живка Ангелоска.

Пред една година Вие и самиот кажавте дека не ви се допаѓа како изгледа и дека ќе се обидете за сите тие тезги и реквизити, боксови да најдете друга локација или да ги разредите. Очигледно не е најдена. Вториот аспект е такси услугата. Исто беше кога се зголемуваа цените на услугите, Вие навистина кажавте дека сте запознаени со проблемот којшто го имаат граѓаните, но сега веќе кога се зголемуваат цените дури и лично ќе се ангажирате во однос на подобрување на квалитетот, меѓутоа пред се да нема селективност во однос на превозот , такашто не само што тоа не се случи ова лето навистина беше крајно тешко да се најде такси превоз, а селективноста беше на највисоко ниво. И третиот аспект во однос на вашата визија за Лето 2025 година се концертите….во контекст на нивно разредување во шпицот на сезоната.“ – кажа Ангелоска.

Во врска со растеретување на шпицот на сезоната од концерти, градоначалникот Пецаков смета дека како Локална самоуправа не можат многу да направат. Посочи дека настаните кои ги финансира и организира локалната како Вино фест, Ohrid Water festival и Џез фестивалот и кои привлекуваат посетители се надвор од пикот на сезоната и во насока на нејзино продоложување.

Тоа е тоа што општината може да го направи. Со она што ние го организираме да го растеретиме шпицот на сезоната и да привлечеме дополнителен број гости надвор од него. Јас или било кој друг градоначалник не ги организира концертите околу 2-ри Август кои се организираат во тој период 30 години наназад затоа што тогаш е Охрид најпосетен. Јас освен да не издавам дозвола на продукција и Охрид да биде град без концерти не гледам друг начин.“- рече градоначалникот.

Пецаков додаде дека и да не ги издава општината просторите за концерти сепак има објекти во градот кои не се под општина и каде истите ќе продолжи да се организираат, нешто што општината не може да го забрани. Притоа посочи дека приходите од издавањето на стадионот Билјанини Извори за концертите и од користењето на спортските терени од екипи за подготовки во текот на летото се доволни за ЈП три месеци да подели плата на вработените.

поскапе такси превозот

Во врска, пак, со проблемите во такси превозот во текот на летото градоначалникот кажа дека биле спроведувани засилени контроли во соработка со Пазарната инспекција и УЈП, но казните, како што рече, не им значат ништо на таксистите и тие продолжуваат со лошата пракса на неуклучување таксиметар, кажување цени од ракав, одбирање патници и сл.

Очигледно за таксистите казните ништои не значат, затоа што летото го чувствуваат како период кога веројатно прават пари коишто во текот на цела година не можат да ги спечалат и сето тоа е на грбот на граѓаните и туристите посебно на охриѓани на кои такси превозот во летен период им е недостапен, односно невозможен. Огромен проблем и грда слика на градот на којшто треба да поработиме.„- рече градоначалникот.

Што се однесува до изгледот на Кеј Македонија во лето, со куќарките за продажба на храна, сувенири, игрите на отворено, боксовите, вовчињата, тоа најверојатно охриѓани и гостите ќе го гледаат и доживуваат и идното лето бидејќи за градоначалникот е концепт којшто постоел и најверојатно треба да постои и не гледал ништо поразлично од Лондон , Њу Јорк, Париз и Милано каде се продава брза храна на улица. Додаде дека ги прифаќa коментарите и дека не е пријатна слика за гледање, но ЈП Градски пазар има приходи од издавање на локациите и уште еднаш спомна дека 50 фамилии заработувале за живот од тие содржини во текот на летото. Утешително за охриѓани, според градоначалникот, е што тоа трае само два месеци за разлика од светските метрополи каде со тоа се соочуваат 365 дена во годината.