Пецаков: Нема ништо од големите ветувања на градоначалникот Јован Стојаноски
Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и Локалната власт на СДСМ се јаки на зборови а не и на дела, обвинија денес од ВМРО – ДПМНЕ. После 100 дена мандат на градоначалникот охриѓани освен популизам, скандали, воскреснување на урбаната мафија, поскапување на водата и сл, не добиле ништо додаваат од таму.
Нема ништо од големите ветувања на градоначалникот Јован Стојаноски, обвинија на денешната прес конференција од ОК на ВМРО – ДПМНЕ. Претседателот на партијата Кирил Пецаков истакна дека во изминативе 100 дена од мандатот на градоначалникот Јован Стојаноски и Локалната власт на СДСМ, виделе само хаос, неспособност и понжување.
„Ништо не направи, општинските служби ги остави ништо да не работат, имаме само една недовршена патека во дворот на општината, имаше средба со лице за кое што јавноста ја излажа дека е шеик. Политичките и непринципиелни одлуки и овој пат не го заобиколија Охрид“.
Пецаков нагласи дека единствено се сакало со омаловажување и непризнавање на постигнатите резултати од претходната локална власт, да се најде алиби за сопствената немоќ и неспособност да се оствари тоа што беше ветено од оваа локална власт. Додаде дека од животот кој го ветувала СДСМ досега граѓаните виеле планови за поскапување, зголемени трошоци за живот и осиромашување на граѓаните.
„Скандалозната одлука за поскапување на водата, За охриѓани нема ниту денар, ниту пак солидарност како обештетување за штетите од земјотресите. Незаконската промена и тортура на директорите од претходната власт на образовни институции, јавни претпријатија и раководни места во државните институции а назначување на кадри врз принципот на непотизам и партиска припадност, бркање од работа од училишта, градинки и полиција и вработување партиски послушници на сметка на избрканите стручни и компететни сограѓани. Назначување на членови на Управни и Надзорни одбори спротивно на Законот“.
Пецаков исто така обвинува дека урбаната мафија експресно воскресала и на тоа поле бизнисот цветал, а ги спомна и серијата скандали во ЈП „Градски Гробишта“, како и уништување на здравството и поигрување со животот на граѓаните. Тој предочи дека актуелниот градоначалник Јован Стојаноски ги препишал сите програми од претходниот градоначалник кои ги критикувал, меѓу кои и онаа за урбана опрема, а за која на угостителите им ветувал дека ќе ја измени, и ќе ги ослободи од истите давачки, притоа безочно лажејќи ги во очи.