Пецаков: Од 10 ветени приоритени проекти завршени или во тек на реализација се 8, додека за два се врши преадаптација
Отчетот кон граѓаните не е само збир на бројки и проекти, туку е одраз на заедничката работа, посветеност и напредок што го постигнавме во изминатите четири години. Горд сум на секое реализирано дело – од изградбата и реконструкцијата на нови училишта и градинки, преку подобрувањето на патната инфраструктура, до инвестициите во спортските објекти и спортот, културата, животната средина и се она што значи подобри услови за живот, вели градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој денеска беше дел на настанот „Саем-Отчет, 4 години работиме за тебе“ организиран од ВМРО-ДПМНЕ.
–Во изминатите четири години силно бевме посветени на одржување, унапредување и развој на сообраќајната и комуналната инфраструктура. Асфалтирани се 30 километри улици и краци во вкупна вредност од повеќе од 300 милиони денари. Реализиравме значајни инфраструктурни проекти на целата територија на Општина Охрид. Асфалтирани се нови улици, реконструирани се постојни сообраќајници, додека паралелно се работеше на изведување на нови водоводни и канализациони линии, односно проекти кои што директно го подобруваат секојдневието на нашите сограѓани. Исто така силно бевме посветени и во образованието. Каде што реализиравме проекти кои децении наназад биле насушна потреба за охриѓани.
За четири години успеавме за прв пат после неколку децени да обезбедиме нова училишна зграда за ОУ „Кочо Рацин“, опремена со најмодерна опрема и технологија. Изградивме спортска сала во селото Лескоец која ќе функционира во рамки на ОУ „Ванчо Николески“. Покрај овие капитални проекти во образованието извршивме реконструкција на речиси сите училишта од средно и основно образование и континуирано инвестиравме во подобрувањето на условите во детските градинки преку реконструкција на објектите, набавка на нова опрема за кујните и занималните.
Би сакал да го издвојам и проектот „Ohrid Go“ проект изработен од Општина Охрид, а финансиран од Европската унија во износ од нешто повеќе од 700 000 евра. Главната нишка на проектот е санација на традиционално запуштениот простор на поранешната воена касарна, кој од локалната самоуправа е идентификуван како област со огромен потенцијал за одржлив развој, што е стратешки важно за идниот развој на Охрид. Во рамки на овој проект се изгради рекреативно авантуристички парк за деца и возрасни, памп уп трака за велосипеди и се работи на етаблирање smart hub. Во моментов во завршна фаза е и физибилити студијата за просторот од поранешната касарна со која ќе добиеме јасни насоки за понатамошен развој на просторот. Тука сакам да напоменам дека Општина Охрид е една од ретките општини кои поранешната касарна ја развива на овој начин, односно без преадаптација на просторот за колективно домување. Дополнително со проектот се набавија и 25 електирчни велосипеди со 5 паркиралишта кои ќе се постават низ градското подрачје за полесно движење на туристите и 7 електрични возила кои ќе се употребуваат за транспорт на патници во Стариот дел на градот.
Во рамки на социјалната заштита реализиравме покрај другото и два клучни проекти и тоа игротека за лица со попреченост која прерасна во дневен центар и дневен центар за стари лица. Во овие 4 години силно ги поддршавме и останатите центри за лица со попречености, обезбедивме еднократка финансиска поддршка за згрижувачки семејства, стипендиравме ученици, студенти, магистри и докторанти кои се лица со ретки болести и посебни потреби. Обезбедивме и образовен додаток за студенти кои студираат надвор од Општина Охрид и обезбедивме средства за доделување на еднократна парична помош.
Доста активни бевме и спортот. Континуирано создававме услови за спортување на сите генерации, за правилен физички развој на младите, преку изградба, реконструкција и опремување на спортските сали, фудбалски игралишта, организирање и поддршка на настани и активности како и поддршка на талентирани спортисти. Ова сето е трајна определба на Општина Охрид во сферата на спортот.
При преземањето на Локалната самоуправа ветивме дека посветено и недвосмислено ќе се грижиме за потребите на младите. За таа цел отворивме Младински центар во Охрид, кој за прв пат се отвори во Општина Охрид. Со тоа Охрид прерасна во позитивен пример бидејќи има успешна реализација на овој проект и особено сум горд што овој Центар прерасна во место исполнето со позитивна енергија и место кое дава голем придонес во креирањето и имплементацијата на младинските политики во Охрид . Од тука произлегоа голем број младински иницијативи и проекти кои со гордост ги поддржавме. Покрај овој центар во рамки на Општина Охрид функционира и Локален младински совет. Поради овие проекти во 2023 година Општина Охрид беше посочена како позитивен пример за имплементација на младинските политики на локално ниво на Регионалната конференција за младински политики организирана од страна на УНДП.
Охрид како културен центар продолживме да го надградуваме и културно издигнуваме. Во оваа прилика би го издвојл проектот кој остава посебен впечаток и наиде на голема поддршка кај граѓаните, а тоа е проектот „Културата расте со децата – За сите деца“. Преку програмата за култура во делот на издавачката дејност се реализира проектот дигитализација на „Едицијата охридско книжевно наследство“ каде беа опфатени 11 книги. Извршивме и дигитализација на споменици и спомен обележја. Особено ме радува успешната организација на трите фестивали кои ги организираме „Ohrid Wine Festival“ кој се организира на почетокот од летната туристичка сезона, „Ohrid Water Festival“ кој е спој на спортско – рекреативен сегмент и социјално – едукативен и Џез фестивалот.
Во насока на туризмот започнавме со поставување на унифицирани рекламни паноа низ Охридската чаршија и улицата „Св. Климент Охридски“. Субвенциониравме традиционални занаети, односно занаетчии кои го враќаат духот на Охридската чаршија.
Во изминатите четири години работевме напорно за финансиска стабилизација на Општина Охрид и паралелно реализиравме голем број проекти. Тоа значи од 10 приоритени проекти ветени во предизборната програма завршени или во тек на реализација се 8, додека за останатите два се врши преадаптација на проектот поради поголема безбедност на граѓаните и се чека изгласување на Закон кој е неопходен за понатамошна реализација, вели Пецаков
За крај, градоначалникот ги посочува и проектите кои се одобрени и ќе бидат финансирани од Владата согласно повикот за проекти, меѓу кои е и проектотр за изградба на Катна гаража во Охрид