Пецаков: Сметката на Општина Охрид е одблокирана
Општина Охрид за прв пат после долги години има нула долг по основ на судски извршни решенија и од денес Општина Охрид се вбројува помеѓу малкуте институции во Република Македонија која нема заостанат долг, објави денеска на прес конференција градоначалникот Кирил Пецаков. Тој напомена дека оваа локална власт го презела раководењето со Општината со вкупен долг од околу 14 милиони евра без долгот на општинските јавни прептријатија. Веднаш пристапивме кон финансика консолидација и изготвување на план за раздолжување, рече градоначалникот.
„Среќен сум што заедно со мојот тим останавме доследни на планот и денес ги гледаме резултатите од тоа. Посветената работа вроди со плод во начинот на прибирање на приходите на Општина Охрид. Зголемувањето на приходите од повеќе ставки и домаќинското работење придонесе враќање на вкупниот долг што го имаше Локалната самоуправа кој изнесуваше околу 14 милиони евра. “ – кажа Пецаков.
Пецаков посочи дека она што се чекало за да може да се официјализира одблокирањето на Општина Охрид била одлуката на Владата со која долгот од некогашното меѓуопштинско претпријатие МЈП „Проаква“, кој припадна на двете општини, се брише и станува основачки влог на државата во ДЈП „Колекторски систем“.
„Чесно е тука да се поздрават и споменат напорите кои биле вложувани во минатите десетина години на локалните раководства за раздолжување на општината и 8те милиони евра кои Владата на Република Македонија ги додели на Општина Охрид со единствена намена за раздолжување градот чиј долг во еден период изнесувал околу 33 милиони евра. Од се’ погоре изнесено може да се заклучи дека актуелното раководство на Општина Охрид во изминатите нешто повеќе од 2 години има самостојно, без помош, вратено 30% од вкупниот долг кој што го имала Општина Охрид, а притоа не заостанувајќи со реализацијата на инфраструктурните проекти, инвестициите во повеќе сфери и директната поддршка на граѓаните и здруженијата.“ – кажа Пецаков.
Пецаков кажа дека е горд на себе и на својот тим за постигнувањето на оваа цел која позитивно ќе се одрази за Охрид и охриѓани. Посочи дека од овој момент па натака локалната започнува попосветено да работи и на раздолжувањето на јавните претпријатија и во скоро време најави пресконференција на која ќе соопштат за одблокирање на сметката на едно општинско јавно прептријатие.