Пецаков: Општина Охрид за 2025-та има историски најголем и развоен буџет
Советот на Општина Охрид го усвои буџетот за 2025 година кој тежи околу 1.2 милијарди денари или 19,5 мил евра Денеска Советот го донесе најголемиот буџет во историјата на Општина Охрид, кој е перпективен и развоен истакна градоначалникот Кирил Пецаков по седницата.
„ Над 200 милиони оваа година ќе пренесиме салдо и основен буџет околу 700 милиони, дополнително 96 милиони кои ги имаме како приход од ДДВ , што значи дека ако на тоа ги додадеме околу 400 милиони кои претставуваат ставка за капитални инвестиции би рекле дека станува збор за доста развоен буџет кој значи многу за Охрид. Само за споредба во 2022 год започнавме со 500 мил денари , зборувам за сопствен приход за сега да стигнеме да имаме заедно со пренесеното салдо покрај годишниот буџет и пренесеното салдо, милијарда денари.“ – изјави Пецаков.
Општина Охрид две години со ред, 2023 и 2024 година пренесува салдо во новиот буџет. Годинава тоа беше искористено за одблокирање на сметката на општината, а од следната започнува постабилен инвестициски период, вели градоначалникот.
„Годинава овие 200 милиони плус коишто ќе ги пренесиме се распределени најмногу за капиталните инвестиции , меѓутоа, секако, поединечно по ставки и за животна средина и во туризам , локален економски развој, спорт, култура и социјална заштита. Би рекол дека Општина Охрид после многу години застанува на здрави нозе , посебно на финансиски план и не само оваа година и наредната , ни претстои еден период на инвестициски бум по однос на капиталните инвестиции. “ – кажа градоначалникот.
Опозицијата во советот, пак, смета дека буџетот за 2025-та не се разликува многу од предходните години. Отсуствуваат поголемите капитални проекти и реализацијата на најголем дел од нив се поместува да отпочне во 2026 година, вели координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Живка Ангелоска.
„ Како советничка група на СДСМ и коалицијата ние не дадовме амандмани со коишто ќе предложиме одредени активности и проекти во програмите за 2025 год затоа што сакаме да му дадеме можност на градоначалникот и на оваа локална власт во финишот од својот мандат да ги реализираат проектите коишто ги ветија на граѓаните, затоа што досега тоа се ситни активности , претежно се детски игралишта, урбана опрема, меѓутоа ниту еден проект којшто е ветен и дел од нивната програма не е целосно финализиран.“ – кажа Ангелоска.
Во поглед на приоритетите на локалната власт според обемот на издвоени буџетски средства за одделни намени, редно е граѓаните да бидат поактивно, а не само декларативно, вклучени во креирањето на буџетот, вели Ангелоска.
„Во моментот кога граѓаните ќе го креираат буџетот тогаш ќе кажам дека Општината го имала приоритетот на граѓаните. Не мислам дека се погодени приоритетите, ние имаме населби каде граѓаните немаат пристап до своите домови, се уште не можат да ги решат есенцијалните проблеми за нормално живеење.“ – вели советничката Ангелоска.
На седницата поднесени три амандмани на буџетот од кои беа прифатени два чиј предлагач беше градоначалникот и се однесуваа на Програмата за уредување на градежно земјиште со кои се врши пренамена на средстава за учество на општината во финансирањето за изградба на филтри на пупмната станица во Метропол и обезедување дополнителни средства за реконструкција на водоводната линија од Кленоец до Леарница.