Skip to main content

Трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид

Пецаков: Се чувствува отсуство на поддршка од централната власт, но сепак реализираме проекти

До сега се испроектирани вкупно 30 проекти, од кои дел се завршени, а дел се оние кои што ќе го означат мандатот, односно тоа е капиталните проекти, кажа Пецаков на трибината во Охрид.
 |  инфодеск  | 
Пецаков

Факт е дека Охрид години наназад мака мачи со долгoт и некако заштитен знак на Охрид е задолжувањето и нејзината блокирана сметка која што во голема мера го отежнува нормалното функционирање на општината, а со тоа секако и на јавните претпријатија, кажа Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид на синоќешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ на тема „Политики за силна култура и развиен туризам“.

Пецаков посочи дека иако ја наследил општината со долг од 11 милиони евра од претходниот градоначалник од СДСМ, сепак со домаќинско и одговорно работење се собираат приходи во буџетот на општината и како што рече за многу брзо време истата сметка ќе биде одблокирана.

„Последната година вложивме доста напори и да кажам се посветивме на раздолжувањето на општина Охрид, секако мачен процес, но домаќински и одговорно можеме да постигнеме големи резултати. Што значи тоа? Приходот кој што го остваруваме по однос на уредување на градежното земјиште е неколкукратно зголемен, зголемен е данокот на промети и секако со оној закон кој што беше донесен по однос на даноците за стан, куќа која што не се живее, земјоделско земјиште кое што не се обработува и градежно земјиште кое што не изградено, неколкукратно се зголемени тие приходи и суштински го олеснуваат работењето на општина Охрид по однос на финансиската состојба„- кажа Пецаков.

Иако ја наследив општината со 11 милиони евра долг, би рекол дека динамиката која што е зададена за многу скоро време ќе даде и многу позитивни резултати и би сакал да кажам дека Охрид има светла иднина и наскоро можеме да очекуваме одблокираме сметката на Охрид, истакна тој.

Пецаков кажа дека се чувствува отсуството на поддршка од страна на централната власт, но како што нагласи и покрај тоа неговата работа како градоначалник е да работи и да создава проекти со кои што ќе го подобри животот на граѓаните во Охрид.

„Дефинитивно постои еден потежок вид на соработка. Го чувствуваме и сметам дека Охрид како центар на култура и на историско светско природно културно наследство, би требало да има многу поголема поддршка од самата централна власт без разлика од кој од која политичка партија е. Меѓутоа наша работа како локална власт е да работиме и создаваме проекти, да пронаоѓаме начин на финансирање и сето тоа да го реализираме за подобар живот на граѓаните во Охрид“ – дециден е Пецаков.

До сега се испроектирани вкупно 30 проекти, од кои дел се завршени, а дел се оние кои што ќе го означат мандатот, односно тоа е капиталните проекти, објасни тој.

До сега се направени 11 водоводни линии, 9 канализациони мрежи и секако  уште многу други проекти кои на дневна основа ги работиме заедно со граѓаните од асфалтирање на улици, уредување на улици и сите оние работи кои за граѓаните се потребни, заклучи Пецаков.

Сашо Донев, претседател на Советот на Општина Охрид на вечерашната трибина информираше дека е вклучен во изработка на проектот за фекална канализација и пречистителна станица во Трпејца. Тој додаде дека тоа е проект на сите не само на Охриѓани. 

„Тоа е проект ветуван 30 години. Веќе е аплицирано во различни места. Се работи и на исто и во Долно и Горно Лакочереј. Во Охрид се потребни многу пари, потребни се многу инвестиции и се надевам ќе има влада која ќе биде заинтересирана за инвестиции во овој туристички центар”, рече Донев.

И тој потенцира дека наследиле огромни долгови но дека се прави консолидација. „Паралелно ги враќаме старите долгови, а паралелно има простор да работиме на проектите”, рече Донев.