Градоначалникот Пецаков одржа состанок со Кризниот штаб на Општина Охрид
Екипите на општинските јавни претпријатија, интензивно работат на терен на повеќе локации во Охрид за надминување на проблемите кои ги предизвикаа обилни врнежи од дожд, што деновиве го зафатија охридскиот регион.
–На располагање се ставени сите капацитети на општинските јавни претпријатија, се делува координирано и состојбата постојано се следи. На терен се работи со градежна механизација и пумпи за испумпување на водата, со цел да се намалат штетите и да се спречат дополнителни последици, вели градоначалникот Кирил Пецаков.




Тој денеска одржа состанок со Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Охрид, на кој покрај претставници од јавната администрација присуствуваа претставници на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, СВР Охрид, Јавните претпријатија, Противпожарната единица и од сите останати надлежни институции.

-На состанокот беше извршено мапирање на критичните точки и беше направен план за итно дејствување и ангажирање на дополнителни екипи на терен. Од страна на стручните лица беше посочено дека предизвикано е излевање на Коселска Река на неколку критични точки, при што се поплавени објекти за домување, дворови и јавни површини. Најкритична е состојбата на улицата „Гоце Делчев“ во близина на Здружението на возачи и на потегот кај селото Орман, каде е поплавена поголема површина. Поплави се евидентирани и на други локации на улицата „Железничка“, како и на патниот правец Охрид – Свети Наум, во делот кај населбата Рача, информира градоначалникот.
Општина Охрид упатува апел до граѓаните да се воздржат од движење низ ризични подрачја каде што има зголемено ниво на водата и да пријавуваат критични состојби кај соодветните надлежни служби.