Skip to main content

Пецаков: Затворениот базен во Охрид треба да биде готов за најмногу две години

По 11 години застој, изградбата на затворениот базен во Охрид конечно ќе продолжи, откако Владата донесе одлука за завршување на проектот и обезбеди 470 милиони денари. Од Општина Охрид очекуваат по отворањето на тендерската документација да биде познат и конкретниот рок за завршување, кој не се очекува да биде подолг од две години.
 |  инфодеск  | 

По единаесет години,конечно  ќе продолжи изградбата на затворениот базен во Охрид. Надминати се сите технички, финансиски и административни пречки. Владата усвои одлука за  завршување на проектот, а за целосната реализација се обезбедени 470 милиони денари.


„За базенот поминавме процес од отприлика година и пол, зборувам и како локална, но и како централна власт, во кој што се решаваа доста недостатоци во самиот проект, најголемиот проблем беше во машинското одделение, да кажеме, или начинот на кој што ќе се снабдува објектот и со топла вода, но и потрошувачката на електрична енергија.”-изјави градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Еден од проблемите беше и долгогодишниот јаз меѓу условите под кои бил склучен првичниот договор и денешните цени на материјалите и услугите.


„Кога ќе се отвори тендерската документација, ќе го добиеме и крајниот рок, меѓутоа врз основа на лична перцепција и од тоа што можам да видам што е завршено до сега, не би требало да е повеќе од година и пол, максимум две.”-изјави Пецаков.

Со завршувањето на објектот, Охрид конечно ќе   добие современ затворен базен за тренинзи и развој на водените спортови.

Новинар Соња Рилковска

Обезбедени 470 милиони денари за завршување на затворениот базен во Охрид, пo 11 години застој | Портал ТВМ