Skip to main content

Педијатријата во Охрид повторно работи 24 часа: 10.000 прегледи и 120 хоспитализирани деца за една година

По пет години ограничено работно време поради недостиг на специјалисти, Одделението за педијатрија при Општа болница Охрид повторно обезбедува 24-часовна здравствена заштита и хоспитализација на најмладите пациенти.
 |  инфодеск  | 

По петгодишен период во кој поради недостиг на специјалисти одделението за педијатрија при Општа болница Охрид функционираше со ограничено работно време, денес повторно обезбедува 24-часовна здравствена заштита и хоспитализација на најмладите пациенти.

Од болницата информираат дека во првата година од повторното воспоставување на целосното функционирање се реализирани околу 10.000 прегледи, а хоспитализирани биле околу 120 деца. Со тоа, пациентите на кои им е потребен болнички третман повторно можат да се лекуваат во Охрид, наместо да бидат упатувани во Струга.

„Од 1 септември Одделението почна со работење и за викендите и со дежурства. Ова одделение има добра иднина затоа што имаме пет лекари кои се на специјализација, со чие враќање одделението дополнително ќе се екипира“, изјави директорот на Општа болница Охрид, д-р Горан Маркоски, при повторното воведување на трисменското работење минатата година.

Дополнителен предизвик е туристичката сезона, кога бројот на педијатриски пациенти во Охрид се зголемува за 30 до 40 проценти, што дополнително го оптоварува медицинскиот персонал.

Од болницата посочуваат дека во изминатиот период се подобрени и условите за престој и лекување на децата. Со средства од болницата и со поддршка од граѓани и организации обезбедени се нова медицинска опрема, инхалатори, педијатриски ЕКГ, пулсоксиметар со неонатален сензор, гасен анализатор, аспиратор, клима-уреди, медицински креветчиња и друга опрема.

Во фокусот останува и кадровското екипирање. Според претходно објавените информации од болницата, токму недостигот на специјалисти бил една од главните причини за ограничувањето на работата на педијатријата, а за надминување на проблемот биле преземени специјалисти и испратени лекари на специјализација.

Ревитализацијата на педијатријата, според болницата, претставува значаен чекор за здравствената заштита на децата во Охрид и регионот, но и основа за нејзино понатамошно кадровско и техничко унапредување.

Новинар: Соња Рилковска