Пеењето може да започне!
Петтото јубилејно издание на Охридскиот хорски фестивал доживеа блескаво отворање.
Хоровите од 15 европски земји можат да го започнат своето претставување пред жирите, но и пред љубопитната публика. Јубилејното петто издание на Охридскиот хорски фестивал, вчеравечер беше означено за отворено на најдобар можен начин.
Директорот на фестивалот, Александар Димовски, вели дека овој фестивал сведочи за долгата музичка и хорска традиција на нашиот град и изрази надеж дека настапот на овој фестивал сите учесници ќе ги потсетува на нивниот престој во Охрид. Покрај ревијалните настапи и натпреварувачкиот дел, Димовски вели ќе има и други активности.
„Во рамките на фестивалот ќе биде одржана и една кратка конференција каде сите диригенти и членови на жирито ќе имаат можност да разменат мислења за интерпретацијата на хоровите и за самото диригирање. Диригентите ќе имаат можност да дискутираат и за проблемите во хорската музика, но и можност да ги изразат позитивните или негативните искуства од овогодинешниот фестивал. Со тоа со сигурност ќе предонесат во иднина да имаме уште подобро организиран фестивал.“-вели директорот на фестивалот, Александар Димовски.
Заменик градоначалникот на општина Охрид, Томислав Тунтев, вели задоволство е да се отвори охридскиот хорски фестивал, и додава дека сите нас не очекуваат возбудливи три дена исполнети со музика.
„Во следниве три дена ќе ја имаме уникатната можност да уживаме во хорското ехо на духовна, поп и фолк музика, како и наптреварувачки концерти на овогодинешниот фестивал. Во следниве три дена сите љубители на хорското пеење ќе можат да уживаат во моќните хорски настапи кои ќе се слеат заедно со звуците на Охридското езеро, со малите улици, со античките монументи и природната реалност.“-рече Томислав Тунтев, заменик градоначалник на Охрид.
Нашиот познат диригент и член на стручното жири, Запро Запров, и самиот ги поздрави годинешните учесници на фестивалот и им посака одлични настапи.
„Секоја музичка творба која ќе допре до духовните потреби на изведувачите и на слушателите го заслужува пиететот „големо дело“. Посакувам сите ваши интерпретации да го заслужат тој пиетет.“-изјави Запро Запров, член на стручното жири на фестивалот.
По отворањето на фестивалот, сите хорови имаа свое дваесетминутно шоу низ охридските улици во кое настапуваа со свој избор на песни.
{loadposition content9}