Skip to main content

НСПС – Национален Сојуз за Планинско Спасување

Охриѓанецот Мартин Пејоски и скопјанецот Илија Циривири со историски подвиг на „Supercouloir“ – најголем успех на македонскиот алпинизам во последните две децении

Историски успех на Мартин Пејоски и Илија Циривири на Алпите
 |  инфодеск  | 

Охриѓанецот Мартин Пејоски и скопјанецот Илија Циривири постигнаа историски успех во македонскиот алпинизам, искачувајќи ја прочуената насока „Supercouloir“ на централните Алпи, над Шамони. Двајцата алпинисти, кои веќе неколку години функционираат како воигран тандем (алпинистичка наврска), успеаја да совладаат една од најпредизвикувачките линии во регионот – насока што првпат била искачена во 1975 година од легендарните Жан Марк Боавен и Патрик Габару.

Циривири, член на Алпинистичкиот клуб „Матка“ од Скопје, и Пејоски од АК „Патагонија“ Охрид, со овој подвиг испишаа страница што ќе остане длабоко врежана во македонската спортска историја. Според познавачите, станува збор за најголем успех на македонскиот алпинизам во последните дваесеттина години.

Тие ја искачија познатата алпинистичка патека во зимски услови, што дополнително го зголемува нивниот успех.

Алпинистички резултат од ваков ранг не само што нè исполнува со радост и гордост, туку и нè обврзува како заедница да вложиме максимални напори во поддршка на алпинизмот и на Македонска алпинистичка федерација. Целта е јасна: постигнување на уште повисоки успеси и, уште поважно, инспирирање на младите генерации да веруваат во вистинските вредности — во време кога површноста и квазивредностите сè почесто доминираат во општествениот простор. Честитки за Мартин и Ико — со вашите успеси му давате дополнителна вредност и достоинство на планинското спасување во Македонија!, велат од НСПС – Национален Сојуз за Планинско Спасување.