Пендаровски убеден дека ќе ја добие поддршката од охриѓани
Пред 5 години ветив дека ќе бидам претседател на сите и нема да ги делам граѓаните по ниту една основа и тоа до ден денес го исполнувам и така ќе биде и во наредните 5 доколку ја добијам вашата доверба, порача актуелниот и кандидат за нов претседателски мандат од „Коалицијата за европска иднина“ на СДСМ, Стево Пендаровски, синоќа на предизборниот митинг во Охрид. Вети дека сите жители на Македонија ќе ги третира како членови на неговото семејство.
„Не постои ниту еден граѓанин во Македонија кој може да каже дека е дискриминиран од мене затоа што не е Македонец, затоа што е Албанец, Турчин, Влав, Ром, Србин, Бошњак, било што. Не постои ниеден граѓанин на Македонија кој може да каже дека не ги добил своите права или не добил прием кај мене, не разговарал со мене за своите проблеми затоа што не е член на СДСМ, на НСДП, на ЛДП, на било која партија од владејачката коалиција. Секој кај мене кој побарал дошол, бил сослушан и колку што ми биле потенцијалите и можностите сум се трудел да му помогнам“, кажа Пендаровски.
Зборувајќи за интеграциските процеси на државата, Пендаровски истакна дека исполнето е ветувањето Македонија да биде членка на НАТО. Тоа го направивме после 25 години статус кандидат и огромен исчекор направивме и во преговорите со ЕУ, после 17 години во чекалната конечно ги отворивме преговорите рече Пендаровски. Лесно можевме да се избориме и со блокадата од Бугарија, ако внатре во државава немавме опозиција која ‘де факто’ е на истите антимакедонски позиции и ги поддржува сите опструкции кои ни доаѓаат од таа страна, рече Пендаровски и додаде дека сега во оваа кампања без срам и перде доаѓаат и велат „ние имаме план, ама ќе ви го кажеме ден после из бори како ќе направиме Македонија да продолжи на патот кон ЕУ„.
„Македонија може да продолжи кон ЕУ само со оваа политичка структура, затоа што ние знамеме што подразбира ЕУ, ние имаме пријатели надвор за разлика од нив и ние знаеме до каде може да се оди во тие преговори затоа што научивме да ги заштитуваме македонските национални интереси како ниедна владата претходно. ВМРО-ДПМНЕ цело време зборуваше дека ги штити нашите национални интереси, меѓутоа 11 години не мрднаа со малиот прст било што да направат во тие преговори. Во тие 11 години Македонија беше изолирана држава, без пријатели надвор овие крупни, големи прашања не се решаваат самите од себе. Ние сме мала држава. Ако немаме партнери и пријатели во Европа и во светот мислам притоа и на САД ние не можеме да напредуваме. Ние ја вративме Македонија на мапата на Европа. “ – рече Пендаровски.
Тој изрази надеж дека на 24 април и на 8 мај огромно мнозинство од македонските граѓани ќе кажат „не“ на , како што рече, авантуристичките концепти кои нудат само политичка магла или мачка во вреќа. Од граѓаните побара масовна мобилизација во првиот изборен круг и поддршка за неговата демократска и проевропска политичка опција.