Skip to main content

Секретар на бугарски клуб во охрид

Пендиков ќе добие стан и бугарско државјанство како награда од Бугарија

Привремено живеалиште во Софија, парични средства и бугарско државјанство ќе добие секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.
 |  инфодеск  | 
Христијан Пендиков

Секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој со бугарски владин авион беше пренесен во Бугарија по неговото претепување во Охрид, во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство. Ова денеска го најави в.д. министерот за надворешни работи на земјата Николај Милков за време на прес-конференцијата во Министерството, пренесе БНТ.

Освен бугарско државјанство, бугарското МНР на Пендиков ќе му обезбеди и стан во кој ќе биде привремено сместен додека е во Бугарија, а според најавите, можно е да добие и свое лично обезбедување зашто, како што изјави шефот на бугарската дипломатија, Пендиков стравувал за својот живот доколку се врати во Македонија.

Бугарските медиуми јавија дека Пендиков вчера бил отпуштен од Воено-медицинската академија (ВМА) во Софија каде што беше хоспитализиран по нападот во Охрид.

Откако ја напуштил болницата, секретарот на бугарскиот клуб вчера се сретнал со претседателот на Бугарија, Румен Радев, во претседателскиот кабинет. Според соопштението објавено на веб-страницата на претседателството на Бугарија, Радев упатил честитки до мајката на Пендиков што одгледала достоен син, а нему му честитал за храброста да го одбрани своето бугарско име.