Пенов незадоволен од менаџирањето на градоначалниците и општинските совети
Министерот за локална самоуправа не е задоволен од менаџирањето на општините во земјава.
Според Пенов постои „многу лош менаџерски однос“ и од страна на градоначалниците, но и од општинските совети. Забелешката се однесува најмногу во делот на прибирање на сопствените средства и непотребните трошоци. Општините прибираат само 30% од неопходните расходи, а 70% им дава државата.
Сите општини имаат зголемени трошоци и долгови.
Во меѓувреме владата го зголеми учеството, државното учество во финансирање на општините, но мора да кажам дека ние не сме задоволни од ангажманот на самите општини во прибирањето на сопствените средства. Идејата на децентрализацијата е општините до максимум да ги искористат средствата кои им стојат на располагање за сопствено финансирање и тоа да претставува поголемиот дел од општинските буџети визави дотациите што ги добиваат – вели Ристо Пенов, министер за локална самоуправа.
Долгови, неплатени сметки за струја, камати, но и превработеност, долги списоци на ангажирани лица со договори на дело, високи хонорари, скапи телефони, нови возила, скапи ручеци и редица луксузирања. Се ова им се ставаат на сметка на општините во земјава која секоја година станува се подебела, како што тонат во долгови и неподмирени обврски. Министерот за локална самоуправа вели, немаат можност да го контролираат недомаќинското работење на дел од општините поради децентрализацијата.
Ние не сме надлежни за контрола, дури и законски не е издржано владата да ги контролира општините, бидејќи ние имаме суштинска и целосна децентрализација. Кај општините каде што се појавуваат подолго долгови проблемот е што градоначалниците и општинските совети ги штитат граѓаните да не плаќаат или да плаќаат мали давачки кои што се несоодветни да ги покријат потребите за одржување на комуналните услуги – додава Пенов.
Состојбата со долговите на општините беше далеку полоша, но државата пред три години исплати 50 % од долговите.
Новинар : Соња Рилковска