Skip to main content

Регионални пензионерски средби

Пензионерите чувари на традицијата

Неуморни чувари на традицијата и фолклорот и во тертат доба. Пензионерите од регионов се собраа на традиционалната ревија на песни и ора која започна со охридската староградска песна „Билјана платно белеше“.
 |  Валентина Неловска  | 

Здружението на пензионер од Охрид и Дебрца е домаќин на јубилејната ревија на песни и ора на пензионерите од осмиот регион. По пауза од две години, пензионерите, повторно се сретнаа на дружба во Охрид. Две децении по ред со музика и песна го чуваат од заборав македонскиот фолклор пензионерските културно- уметнички друштва од повеќе градови од регионов, како што се Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Кичево, Гостивар и Дебар. Музиката не зближува и во овие години од животот, активни сме и со нашата дејност сакаме да оставиме белег за младите генерации, порача Горѓи Трпчески, претседател на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.

„Ќе се претставиме во најдоброто светло, онака како што доликува за оваа манифестација. Пензионерите ја негуваат традицијата, ние сме тие чуварите на нашата култура и традицијата,“рече Трпчески.

Љубовта кон музиката продолжува со истиот жар и во третото животно доба. Со охридската, староградска песна „Билјана платно белеше“ домаќините од културно уметничкото друштво „Далги“ ја отворија ревијата на песни и ора. Охридското здружение на пензионери брои 13.000 членови, а триесетина од нив се дел од културно-уметничкото друштво, напоменува Ристо Трајкоски, уметнички раководител на КУД „Далги“. Учествувале на бројни манифестации во земјава и се добитници на први награди меѓи кои „Илингденски денови“ во Битола и „Преображение“ во Вевчани.

„Интересот кај нашите пензионери за учество во КУД „Далги“ е на задоволително ниво. Пандемијата не стопира со активностите во изминативе две години, но сега активно делуваме и се надеваме на поголема мотивација за рабоат и членство кај сите пензионери. Пензионерите треба да го користат своето слободно време дружејќи се со своите врсници на спортско и културно поле“, напоменува Трајкоски.

На ревијата на песни и ора на пензионерите во Охрид со музички точки се претставија покрај домаќините и пензионерските културно-уметнички друштва од Струга, Гостивар, Кичево, Лабуништа. На ревијата имаше гости од Сојузот на здружението на пензионери од земјава, како и гости од соседен Поградец, Албанија и од Врање, Србија.