Skip to main content

Пензионерите Иванка и Бруно Гигер полесно ги минуваат деновите во карантин со своето хоби

 Гигерови изработуваат најразлични украсни предмети од школки, а ја декорираат со школки и фасадата од нивната куќа. Тие се доказ дека имањето хоби го исполнува човекот и  прави побрзо да минува времето. 

 |  Валентина Неловска  | 

Брачниот пар Иванка и Бруно Гигер во време на пандемијата полесно го поминуваат домашниот карантин благодарение на нивното хоби. Тие пронашле начин во пензиoнерските денови да не се чувствуваат неполезно благодарејќи на љубовта која ја имаат кон рачната изработка на украсни предмети за кои употребуваат школки. Раскажуваат дека кога има дозвола за движење на пензионерите над 67 години излегуваат само по потреба додека остатокот од времето го поминуваат внесени во работата.

„Изработуваме кутии за накит и клучеви, рамки за слики, мали пиленца. Не ни е досадно. Колку бргу минува денот не ни забележуваме. Не знаеме колку брзо ни заминал денот толку што сме посветени на нашето хоби“, раскажува Иванка Гигер.

Пензионерите Гигер го организирале своето време во работата со школки па така во зима и пролет работат на изработка на предмети од школки, а во лето и есен се ангажираат на декорирање со школки на фасадата од нивната семејна куќа. Школките ги носат од места каде што го минуваат својот летен одмор, во соседните земји, но и од Дубаи, Малдиви. Лебеди, Македонско и Швајцарско знаме се само дел од мотивите кои дел по дел вредно ги завршиле на предниот дел од фасадата на куќата, а се подготвуваат да продoлжат и ова лето.

„Планирано ни е но ќе видиме како ќе е со пандемијата. Треба да се работи од другата страна на куќата, но има и други куќи. Ако заврши пандемијата, ќе работиме, во спротивно да сме здрави и живи ќе работиме другата година“, вели Иванка Гигер.

Иванка и Бруно Гигер се пензионери кои од Берн, Швајцарија го избрале Охрид за свој втор дом од 2012 година. Тие и се добро познати на охридската јавност и со предновогодишно украсување на нивниот семеен дом кој за новогодишните празници го претвораат во зимска бајка и на изборот за најдобро украсен дом често го добиваат првото место,а при тоа вредно работат со месеци за да го декорираат дворот со новогодишни реквизити.