Skip to main content

Перчо Божиновски е нов Претседател на Совет на Општина Охрид

На денешната седница на Совет беше верификуван мандатот на новиот советник кој доаѓа на местото на Божиновски во советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Александар Здравевски. Советот го констатира и претстанокот на мандатот во Советот на досегашниот претседател, Сашо Донев кој стана пратеник во Собранието на Македонија.
 |  Маја Савиќ  | 

Перчо Божиновски, советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ е избран за нов претседател на Совет на Општина Охрид. За единствениот кандидат за нов претседавач со градскиот Совет, на предлог од советничката група на ВМРО ДПМНЕ, „ЗА“ гласаа 17 советници на денешната 42 седница. Божиновски доаѓа на местото на Сашо Донев кој стана пратеник во новиот парламентарен состав.

Огромна е честа, но и признанието, како и одговорноста која денес ми е дадена од советниците во Советот на Општина Охрид и поддршка која е доверена за мене како претседател на Советот, изјави Божиновски. Како претседател на Совет очекува конструктивна работа и добра соработка во носење на одлуките во интерес на граѓаните.

„…Обврска која пред се ја гледам водена од принципите на законитост, работа, чесност, праведност и носење на сите оние одлуки кои се во интерес на охриѓани и кои се за подобрување на животот на самите граѓани во градот. Носење на оние одлуки кои ќе се водат според Законот за локална самоуправа и останатите закони, почитувајќи го уставниот поредок на Р. Македонија, но и водејќи се од интересите, пред се како избрани советници добивајќи го четиригодишниот мандат и оние проекти, барања и ветувања кои ги имавме пред охриѓани до крајот на овој мандат да ги завршиме, а со тоа да го исполниме ветувањето кое сме го дале пред изборите .“ – изјави Божиновски.

Функцијата претседател на Советот, Божиновски, ќе ја извршува до редовниот термин за следните локални избори во октомври 2025 година. На денешната седница беше констатиран и престанокот на мандатот на Сашо Донев, како член на Советот, поради неспоивост со функцијата пратеник во Собранието.


Советниците го верификуваа мандатот на новиот член на Совет, Александар Здравевски, кој беше кандидат за советник на листата од ВМРО ДПМНЕ на последните локални избори. Здравевски ја прочита свечената изјава со која се обврза на почитување на правата и должностите како советник и дека истите ќе ги извршува согласно Уставот и законите.