Период на превенција на овошките
Период на превенција на овошките. Охридските земјоделци овој период кога паѓаат лисјата го користат за премачкување на стеблата на овошките со бакарни препарати. Тоа е најекономичниот начин за заштита на стеблото во зимскиот период кој на некој начин гарантира богат и здрав принос на пролет.
Во овој период годината, на охридската црешна и е потребно да се искапи со бакарни препарати, укажуваат експертите по аграр. Тоа пред се е превентивно делување во зимскиот период, со цел на пролет да може да очекуваме органски здрав производ. Премачкувањето на стеблата се однесува на коскестите овошки, праската кајсијата а особено за црешната. Ванчо Стојаноски и годинава го споделува рецептот на течноста која се препорачува за капење на овошките, а која може да ја подготви секој земјоделец.
„За околу 15 литри течност потребно е 3 до 4 кгр вар неизгаснета. Варта се гасни во 10 тина литри вода, во остатокот 4-5 литри ќе се стави половина килограм крупна сол, тоа треба да отстои еден ден да се стопи солта со повремено мешање и во таа вода се меша пола кило сулфур во течност или гранули да не биде во прав бидејќи тешко се раствора сулфурот. Утредента се се меша заедно со варта и оваа смеса отстојува 3-5 дена со повремено мешање и после тоа таа е готова за употреба“
Вака подготвен препарат не може да се сретне во трговијата вели Стојаноски. Тој смета дека земјоделските аптеки нудат повеќе препарати за заштита на овошките, но ретко во која од аптеките се зборувало за превентивата.
„Тие ќе ни понудат некои други препарати, дали се толку соодветни за оваа работа или не, незнам но во секој случај се многу поскапи. Видете не баш секокогашна нив им одговара. Верувајте дека благодарение на вашиот медиум од кога почнавме да зборуваме за употребата на овој препарат веќе во околните села и да нема овоштарник со цреши кој не е третиран на овој начин“.
Стојаноски пренесува дека бакарниот препарат е добар против пукање на кората на овошките. Исто така укажува дека доколку овошката има смола таа треба да се исчисти, па да се премачка со подготвениот бакарен препарат, посебно на гранките каде што се задржува росата, а нема штета дури ако се зафати и пупката со овој препарат. Стојаноски вели дека оваа постапка пожелно е да се повтори и на пролет.