Skip to main content

Пеш до врвот „Магаро“

Под мотото „Движи се, да не заборавиш да одиш“, двајцата вљубеници во планините Жанко ЗШ Голабоски и Мишко Танески викендов пеш стигнаа го Магаро и се вратија назад. Со овој настан тие се обидоа да го свртат вниманието на јавноста кон здравиот начин на живот, но и кон убавините на Галичица.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Пеш до врвот „Магаро“. Планинскиот маратон кој го реализираа двајцата вљубеници во планините, Жанко ЗШ Голабоски и Мишко Танески, заврши успешно. Тие изодеа пеш 50 км по Галичица, од Охрид до врвот „Магаро“ и назад до Велестово. Целта на овој нивни пионерски подвиг била да ги поттикнат граѓаните да се раздвижат и да биат дел од природата. Мотото на овој маратон беше„Движи се, да не заборавиш да одиш“.


Секој може во текот на денот да најде половина или еден час за да направи некоја физичка активност. За потфатот трениравме секојдневно три и пол месеци. Оваа траса во изминатиов период ние ја поминавме 15-на пати дел по дел, така да знаевме што не очекува, рече Голабоски.


За искусниот планинар Мишко Танески овој маратон бил еден од потешките во неговата десетгодишна активност по планините. Танески објаснува дека овој подвиг бил исклучително тежок не поради должината на патеката, туку поради елевацијата на теренот од 4 000 метри.


Кога се враќавме назад чувството беше априори како да слегуваме од врв од 8 000 метри, со халуцинирање и тотална дехидрација и премореност. Направивме 62 153 чекори, за среќа времето беше на наша страна, истакна Танески.

Во акцијата учествувале и планинари и вљубеници на природата од „ЗШ Авантура“,околу 100- на граѓани кои дале безрезервна поддршка, потоа планинари од Хрватска, Полска и други земји, а кон акцијата се приклучиле и 50-на пријатели од Ресен и цела Македонија кои беа дел од „Tour De Galicica“. Поддршка на маратонот дало и здружението „Мозочен удар“.


Физичката активност е многу значајна. Таа го намалува за 30% ризикот од секакви болести, особено од мозочен удар. Не мора секој да биде планинар, за да биде физички активен, истакна д-р Маја Божиновска – Смическа.


Интересно е тоа што Танески на висина од 2.245 метри го прослави својот 46-ти роденден, а Голабоски 30 години од матурата. Тие истакнаа дека ваков настан може да се организира и во септември кога би се реализирал со повеќе луѓе и тоа како дводневно планинарење.