Skip to main content

Пештанци чекаат да се донесе урбанистички план повеќе од една деценија

Жителите бараат локалната и ресорното министерство да ја забрзаат постапката. Туристичката населба е атрактивна за инвестиции кои ќе донесат развој за жителите.

 |  Валентина Неловска  | 

Новиот Урбанистички план за село Пeштани е во постапка од пред 12 години. Пештанци чекаат да се донесе урбанистичкиот план и стануваат нетрпеливи. Чекаат мештaните, но и инвeститорите кои сакаат да градат, ги пренесува барањата на жителите Ѓоре Танески, претседателот на месната заедница.

Планот е во општината. Се чекаат одговори од институциите дали е во заштитениот појас, дали се загрозува езерото според  критериумите на Унеско. Имаме повеќе од 300 градби, селото ќе се шири. Немаме одлив на жители туку прилив и гледаме да одиме напред, луѓето сакаат да градат апартмани, хотели со новиот план. Планот е во локалната чекаат мислење од Животна средина и другите институции да кажат дали е се во ред со планот – истакна Ѓорески.

Од месната заедница оствариле средба со претставници од Локалната самоуправа кои имаат разбирање за нивните потреби, информира Танески. Посочува дека губат време и пари не само жителите со долгото чекање на усвојување на планот, туку губи и општинската каса со одолговлекување на постапката.   

Прва урбанистичка населба сме од 1957 година, како село Пештани. Редовно плаќаме комуналии во иста висина со комуналиите во Охрид. Имаме апел, секој жител од Пештани и надвор кои имаат купено плацеви сакаат да градат, но се останува само на долго чекање – додава Танески.

Во туристичката населба Пештани живеат постојано и повремено голем број граѓани од внатрешноста и од странство. Пештани во моментов брои околу 1500 жители.