Галичица нуди можности за развој на спелеолошки туризам
Галичица крие прекрасни пештери кои се недоволно истражени. Љубителите на спелеологијата ќе имаат ретка можност да видат нешто што досега никој не го видел. Екипата на „ Bottom Time “ од Охрид во соработка со Спелеолошкиот клуб „ Златоврв“ од Прилеп организираат петтдневен спелеолошки камп.
Галичица нуди можности за развој на спелеолошки туризам. Десетте пештери кои се откриени и тоа претежно од странски посетители, љубители на спелеологијата, се многу интересни бидејќи се недоволно истражувани. Екипата на „ Bottom Time “ од Охрид во соработка со Спелеолошкиот клуб „ Златоврв“ од Прилеп организираат спелеолошки камп на Галичица. Кампот ќе има главно истражувачка цел, почнувајќи од потврдување на досегашните сознанија за пештерите, преку истражување на нови канали во познатите пештери, до лоцирање и истражување на нови пештери на Галичица.
Галичица има потенцијал за развој на таков туризам. По балканските земји тој е многу развиен посебно во Словенија и Србија. Кај нас сеуште не е развиен, но со заеднички ангажман на сите може нашиов регион да стане топ дестинација, вели Никола Паскали од „ Bottom Time “.
Паскали вели дека активностите ќе се одвиваат претежно на западната падина на планината, како и на платото на Галичица. Тој објаснува дека заедно со неговиот тим неодамна откриле пет нови пештери кои се многу интересни. Дел од нив се создадени од вода, некои од вулканска карпа, а некои од тектонски движења. Има пештери со лесни влезови, но и вертикални кои имаат тежок пристап и за кои треба дабра обученост и опрема. Во нив може да се спуштиш само со јаже и најчесто отворот е широк околу половина метар.
Чуството е прекрасно. Многу мои пријатели кога ги гледаат сликите од таквите наши подвизи велат дека е морничаво, но јас ги убедувам дека доколку се таму и го почуствуваат тој адреналин кој ние го чуствуваме ќе го сменат мислењето. Самото сознание дека ти си прв што влегуваш во некој простор кој е стар еден милион години те прави целосно исполнет и задоволен, вели Паскали.
Паскали вели дека за истражување на пештерите е потребна добра физичка подготвеност, ентузијазам и опрема за заштита. Но додава дека доколку некој сака посериозно да се занимава соо оваа алтернативна форма на туризам таа многу чини. Тие немаат никаква финансиска помош од никого. Сe снаоѓаат како знаат и умеат.
Инаку, кампот ќе се одржува во периодот меѓу 4 и 9 август, а базата ќе биде лоцирана на брегот на Охридското езеро, во околината на кампот Љубаништа.
{loadposition content9}