Започнува 21вото издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. Од денеска 14ти јуни, во наредните пет денови до 18-ти јуни, седумдесетина млади уметници од шеснаесет држави ќе се натпреваруваат во дисциплините виолина, пијано и камерна музика.Младите музичари од Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Германија, Полска, Австрија, Чешка, Грузија, Италија, Литванија, Шпанија, Турција, Украина, ќе настапуваат во акустичниот амбиент на црквата Св. Софија.
Поради олеснување на ковид-мерките, годинава натпреварот е отворен за публиката во Охрид. Стручната комисија е составена од десет членови, врвни уметници и педагози по виолина и пијано од повеќе европски престижни музички академии како и од факултетите за музичка уметност од Скопје и од Штип.
Најуспешните натпреварувачи и годинава ќе имаат можност да освојат некоја од вредните награди: парични награди во износ од 3000, 2000 и 1000 евра за највисоко рангираните, награди на здруженијата СОКОМ и Сојузот на музичките уметници на Македонија и Фондацијата „Зографски“.
Општина Охрид на лауреатот, носител на наградата Гран при му доделува ракотворба филигрански накит, а организаторот на натпреварот вреден накит – охридски бисери.
Посебно значајна е и наградата на европската асоцојација на музички натпревари ЕМСИ, што на добитникот му овозможува годишна промоција на веб страната, учество на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови. Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и Градоначалникот на општина Охрид.