Академик Цветан Грозданов почина во 2018тата година на 82 годишна возраст. Тој беше еден од најеминентните македонски и балкански византолози, историчар на уметноста, политичар, прв министер за култура на Македонија и поранешен Претседател на Македонската академија на науките и уметностите.
Својот богат научен век го посвети на духовното јадро на словенскиот свет, Охрид. Неговиот роден град Охрид беше негова опсесија.
Колосалниот опус од над 300 научни трудови на Грозданов е од огромно значење за македонската историја на уметност.
Во целокупниот тој опус е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува задира од времето на св. Климент Охридски, Самоиловото царство, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и поучувањето на портретите на св. Кирил и Методиј и нивните ученици – св. Климент, св. Наум, св. Горазд, св. Сава, св. Ангелариј (познати како Седмочисленици). Посебен дел претставува неговата синтеза на охридскиот фрескоживопис од 14 век.
Академик Грозданов со својот авторитет беше еден од столбовите на македонската наука. Тој беше достоен толкувач и истражувач на духовните и културно-уметничките достигнувања на Охрид и Охридската архиепископија и истите ги афирмира како трајни цивилизациски вредности.
Грозданов е роден 5 март 1936 година во Охрид. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Белград. Во 1985 година е избран за редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал повеќе должности и функции во општествените тела од доменот на науката и културата, како и на Универзитетот Св Кирил и Методиј во Скопје. За својата научна дејност академик Грозданов има добиено голем број престижни награди и одликувања во земјата и во странство, а беше член е на повеќе странски академии на науки и уметности и почесен доктор на повеќе универзитети. За монографијата „Свети Наум Охридски”, акад. Цветан Грозданов е добитник на највисоката награда за наука во Република Македонија „Гоце Делчев“ (1996). Предаваше за средновековната уметност во повеќе градови во поранешна Југославија, во Париз, во Академијата на науките во Прага, на универзитетите во Солун, Истанбул, Рим, Неапол, Софија и др. За редовен член на МАНУ е избран на 20 јуни 1996 година, а во периодот од 2004 до 2007 година беше нејзин претседател.