Skip to main content

Пет клучни години за иднината на Охридскиот Регион

Уште една шанса за спас, Охридскиот регион доби нов рок од пет години за спроведување на препораките на УНЕСКО: Македонија и Албанија имаат задача да ги исполнат препораките за заштита на едно од највредните природни и културни богатства во светот.
 |  инфодеск  | 

Пет години за спас на Охридскиот Регион. Толку време добија Македонија и Албанија од УНЕСКО за да ги исполнат десетиците препораки што треба да обезбедат трајна заштита на едно од највредните светски богатства. Наместо впишување на Листата на светско наследство во опасност, Комитетот одлучи да им даде уште една можности. Но, експертите предупредуваат, ова е последен сериозен сигнал дека повеќе нема простор за одложување.

Охридскиот Регион останува меѓу само 41 локалитет во светот што има двоен статус – светско природно и културно наследство. Токму затоа и обврските се многубројни. Од запирање на неконтролираната урбанизација и нелегалната градба, преку заштита на крајбрежјето и природните вредности, до целосно спроведување на Стратешкиот план за закрепнување и воспоставување ефикасен систем на управување со регионот.

„Ако сами не си го чуваме ова богатство, зарем ни треба УНЕСКО да ни каже колку е вредно и колку посебно внимание треба да му се посвети, и тоа на дневна основа? Секој од нас мора да е свесен што има. Колку генерации пред нас го оставиле и колку генерации по нас треба да го оставиме.УНЕСКО бара зачувување на автентичноста.” – вели Проф д-р  ЗОРАН ТУНТЕВ професор на ФТУ Охрид.

Одлуката на Комитетот не значи дека проблемите се надминати. Напротив, тие остануваат јасно нотирани во документот на УНЕСКО, а напредокот ќе биде предмет на редовно следење. До 1 февруари 2031 година двете држави ќе треба да покажат конкретни резултати, а не само преземени обврски на хартија.

„Не само во однос на инфраструктурата, туку и во однос на приказната што ја носи Охрид. Ако Охрид и Охридскиот Регион се приказна за 365 цркви, за езеро старо милиони години, за автентична вода и автентична култура, а ние градиме куќи, згради, хотели, паркови и квази-паркови, јас навистина се плашам за Охрид”. – вели Проф д-р Весна Мојсова Чепишева професор на УКИМ.

Статусот на светско наследство носи и обврска највредното природно и културно наследство да се зачува за идните генерации. Од локалната самоуправа велат ќе продолжат да работат на проектите на заштита/.

„Продолжуваме со реализација на проектите за подобрување на инфраструктурата, решавање на проблемите со отпадните води и намалување на загадувањето на Охридското Езеро. Во изминатиот период за овие намени се инвестирани околу 3,5 милиони евра, а активностите ќе продолжат и во наредниот период.” – изјави Кирил Пецаков, Градоначалник на Охрид.

Судбината на Охридскиот Регион и натаму ќе зависи од тоа колку доследно ќе се исполнуваат преземените обврски за заштита на неговите исклучителни природни и културни вредности.

Соња Рилковска