Пет нови автобуски постојки ќе има на Булевар Туристичка
Пет нови автобуски постојки ќе има на Булевар Туристичка.
Започнаа градежните активности за поставување на автобуски постојки низ градот. Се прават припремни зафати како што се копање на ровови и подлоги за поставување на современите постојки на кои ќе има клупи за седење и настрешница, информира Љупчо Танески, портпарол на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици.
„ Ќе бидат поставени 5 автобуски постојки в долж Булевар Туристичка на најфрекфентните места каде што досега беа поставени. Кај маркетот Тамаро од двете страни, една кај зградата Печијаре, една кај гимназијата и ОУ Григор Прличев. Уште една на пресекот кај Туристичка и улицата Јане Сандански во близина на продавницата на Жито леб“, појаснува Танески.
Автобуската постојка која треба да се постави кај зградата Печијаре веќе ги предизвика и првите коментари дека местото не е соодветно избрано. Кружниот тек, пешачкиот премин и постојката ќе создаваат тешкотии во сообраќајот. Танески напоменува дека зацртаните постојки се веќе внесени во урбанистичкиот план.
„ Во секторот за комунални дејности, од одделението за сообраќај размислуваа за дислокација на автобуската на овој потег, но засега ќе биде монтирана на тоа место. Но доколку во иднина се покаже дека не е соодветна локацијата ќе биде дислоцирана на 20 до 30 метра погоре, но засега останува на истото место“, посочува Танески.
Поставувањето на 5 -те нови постојки кое се релизира по три пропаднати тендери ќе чини 1.040.000, 00 денари, а ќе го изведува скопската фирма „Турбо инжинеринг“ специјализирана за поставување на автобуски постојки. Според договорт на локалната самоуправа и избраната фирма постојките треба да бидат поставени до крајот на месец февруари. Засега од одделението за Комунален рзавој немаат сознание колкав е потребниот број за поставување на постојки и на други локации каде што патниците чекаат на дожд и сонце градски или приградски превоз. Сепак во иднина, како што велат, се подготени да постават постојки за автобуси каде што ќе има потреба.