Во септември годинава се издадени 5 одобренија за градење во Охрид според податоците од Државниот завод за статистика. Од нив едно е издадено на физичко лице, додека 4 на деловни субјекти. Предвидена е градба на 76 станови со вкупна корисна површина од 3.797 м².
Во извештајниот период општините Дебрца и Вевчани издале по едно одобрение за градење и тоа на деловен субјект, додека пак во општина Струга не се издадени одобренија.
На ниво на државава во септември годинава се издадени 296 одобренија за градење, што е за 9,2 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 7.517.775 илјади денари, што е за 12,6 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 146 или 49,3 отсто се наменети за објекти од високоградба, 90 или 30,4 проценти за објекти од нискоградба и 60 или 20,3 проценти за објекти за реконструкција.
– Од вкупно 296 објекти, на 131 или 44,3 проценти како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 165 или 55,7 отсто објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 755 станови, со вкупна корисна површина од 67.372 метри квадратни – се наведува во соопштението на ДЗС.