Skip to main content

Безбедност во сообраќајот

Петицијата на жителите на улицата „Момчило Јорданоски“ останува на хартија

Годинава нема пари во буџетот за програмите за сообраќај за поставување забавувачи на брзина на улицата „Момчило Јорданоски“.
 |  Голабовски Крсте  | 
Момчило Јорданоски

Петицијата која ја потпишаа повеќе од 150 жители кои гравитираат на улицата „Момчило Јорданоски“ е доставена до општина Охрид и СВР Охрид. Во неа е наведено дека жителите бараат поставување забавувачи на брзината на движење, сферни огледала и отстранување на непрописно паркираните возила на улицата. Но, истата, за жал, сега за сега, ќе остане на хартија. За овој сообраќаен проблем стана збор и на последната седница на Советот на Општина Охрид. Бојан Михајловски, советник од СДСМ од говорницата подвлече дека во извештајот за сообраќајна сигнализација има уште средства за располагање.

„Како што имаат тие наведено во петеицијата, брзината на движење на возилата е преголема, безбедноста во сообраќајот тука, посебно за децата што живеат и гравитираат во тој дел е во опасност. Исто, како советник избран од граѓаните, сакам да го потенцирам тоа, бидејќи заприметив дека во извештајот за сообраќајна сигнализација има уште средства за располагање, и би ве замилил како општинска администрација, доколку може побргу да се среди тој проблем, за на тие граѓани да им се излезе во пресрет“, – Бојан Михајловски – советник СДСМ.

Михајловски исто така го спомна и проблемот со несоодветно паркираните возила на оваа улица и апелираше за реакција, пред да се случи некој посериозен инцидент. Тони Иваноски, Раководител на Сектор за општи работи пак, со поинакво толкување на овој проблем. Вели дека на оваа улица, како сектор, постапено е согласно сите технички напатствија од проектот и тој не се сложува дека брзината не е ограничена. Иваноски додава дека со самиот влез во Охрид се знае дека во градска средина дозволена брзина е 40 км/ч.

„Општина Охрид нема практика, а ниту друга општина нема практика на секоја улица да поставува дозволена брзина на движење. Се знае максимална, се знае дозволена по локални патишта е 40, а ако е регионален и магистрален пат кој минува низ населено подрачје е 50 км/ч. Проектот не предвидува она што го бараат граѓаните, но морам да кажам дека граѓаните повеќе си ги знаат потребите каде живеат. Во моментов не сме во можност да обезбедиме забавувачи на движење и сферни огледала, меѓутоа очекувам со носење на новиот буџет и новата програма таквите средства ќе ги обезбедиме за да го добијат тоа што го бараат граѓаните“, – кажа Тони Иваноски – Раководител на Сектор за општи работи.

Но, и покрај добрата лекција која раководителот на секторот за Општи работи ја кажа од говорницата, во врска сообраќајните правила и прописи, брзините со кои несовесните возачи ги управуваат возилата токму на оваа улица, посебно во вечерните часови е нешто сосема друго. Да се надеваме дека до донесувањето на новиото буџет, нема да бидеме сведоци на некој посериозен инцидент , каков што во минатото се случил токму на оваа улица, токму поради неприлагодена брзина.