Вечерва започнува фестивалска сага на модерен европски филм Beach Film Festival.
Во пет фестивалски денови на четири специфични локации , амфитеатарот во предворјето на црква Св.Софија, плажата Славија, лапидариумот и Бродот Армада ќе бидат проектирани повеќе од 40 филмови од 17 различни европски земји.Официјалната селекција на филмови на фестивалот се состои од Долгометражни и краткометражни филмови во кои се вклучени и студентските.
Генерално се обидуваме да го запазиме концептот на нашиот фестивал, тој е посветен на новиот европски филм, отвораме простор на млади, нови уметници. Годинава имавме пристигнато околу 700тини кратки филмови, така што процесот траеше подолго меѓутоа запазувајќи ги оние параметри како атмосферата на фестивалот, тоа е некој медитерански дух кој што го носи заради самата локација и културното обележје на Охрид, се задржавме на тие елементи и сметам дека ги исполнивме убаво и дека ќе можете да видете интересна селекција на кратки и долги филмови“-објаснува Ангела Здравковска координатор на БФФ.
Годинешното петто јубилејно издание ќе биде отворено со проекција на филмот A Simple man, a на следните фестивалски денови ќе се пркажуваат и филмовите Anis in love, a pure place, Inventura, Bitch, A Derogatory Term for a Woman, I Infinite Sea. За тоа кои филмови ќе бидат наградени ќе одлучуваат реномирани режисери.
„Во ова издание имаме тричлено жири составено од Фред Келемен, Кавех Захеди и Срѓан Драгојевиќ одлучува за доделувањето на три награди и тоа за најдобро филмско остварување, најдобро актерско остварување, најдобар краток филм, а публиката ќе има чест да одлучи кој е најдобриот краток студентски филм“– вели Ангела Здравковска.
Посетителите на филмските проекции ќе уживаат и во музичка програма за што ќе се погрижат млади македонски диџеи и групата Хајка. Покрај филмските проекции во фокусот на фестивалот е и едукативниот контекст при што ќе се одржат две работилници, за филмски постер и за филмска опрема, дополнет со мастер клас на Кавех Захеди.
Затворањето на петтото издание на фестивалот ќе ја следи воспоставената пракса да биде прикажан нов македонски филм, а годинава тоа ќе биде „Сестри“ на Дина Дума.