Пица мајсторот Дејанчо Трајанов – Чеде продолжува да нижи успеси на престижни шампионати
Дејанчо Трајанов – Чеде, еден од најдобрите пица мајстори во Македонија, продолжува да нижи успеси на меѓународни натпревари. Во изминатите четири месеци учествуваше на шампионати во Бугарија, Србија, Италија и Хрватска и освои 8 медали. Последниот натпревар Гастро Куп Капуто во Загреб, на кој се натпреваруваа 40-тина пица мајстори претставуваше предквалификација за Светскиот Куп кој ќе се одржи од 6-ти до 8-ми јуни во Наполи.

„На овој натпревар или предквалификации во Хрватска освоив трето место во категоријата Пица Наполетана ESG која е една од најтешките категории во секое натпреварување во подготовка на пица. Со оглед на условите што ги имав, тестото го правев рачно, од резултатот сум презадоволен. Имав голема поддршка од моето семејство , за што бескрајно сум благодарен и за разбирањето за моето одсуство кое го трпат веќе подолго време поради натпреварите .“ – вели Дејанчо Трајанов – Чеде, пица мајстор.
Меѓунароните натпревари се организирани од големите производители на брашна, во соработка со врвните италијански школи за обука на пица мајстори. Тежината зависи од составот на судиите, вели Чеде, што поголем број судии од Италија, толку поквалитетен натпревар. Веќе и на натпреварите на Балканот каде тој редовно е на врвот, до 80% од судиите се Италијани, но полека ги освојува и натпреварите во татковината на пицата.
„Можам да се пофалам дека сме доста успешни на натпреварите во Италија, на многу натпревари сме од 10-то до 20 -то место, тука сме во тој дел. Ни недостига финансиска поддршка бидејќи кога патуваме во Италија на натпревар, патуваме со авион или автобус, кај нас не може да се најдат квалитетни артикли кои се потребни за изработка на една традиционална или модерна Наполитана. Таму има строги правила, строги критериуми каде што треба сите артикли да бидат со географско потекло и треба да ги набавиш сам. Тоа малку е тешко за нас.“ – вели Чеде.


За Наполетана (STG) задолжителни се традиционални состојки како морска сол, екстра девствено маслиново масло, моцарела ди Буфала и домати Сан Марцано од регионот Кампана, објаснува Чеде потенцирајќи дека тука нема место за импровизации. Додека пак во категоријата пица класика на натпреварите може да се експериментира, но тука пресуден е вкусот на судијата.
„На пример учествував во 2023та со чисто македонска пица и освоив 12-то место од 550 натпреварувачи во Јужна Италија. Значи добив добри критики. Знаеме да употребиме ајвар, сирење бело овчо и кравјо, кое Италијаните не го сакаат многу. Употребуваме суво месо, пржен праз, сува пиперка, такви некои традиционални македонски производи за да можеме да се претставиме. Еве на последното првенство во Римини имаше доста наши кои исто го имаа тој предизвик, и во подготовката на таа пица Класика употребуваа македонски производи што е доста храбро.“ – кажува Чеде.


Трајанов веќе осум години ги проучува техниките за правење врвна автентична наполитанска пица со крцкава, лесна и воздушеста кора. Вештината за нејзината подготовка и рецептот, не случајно се на листата на нематеријално културно наследство на човештвото на UNESCO. Тајната е во доброто тесто, неговата ферментација и зреење, вели Чеде кој занаетот го печел од добри мајстори на курсеви во Италија.
„ Во Македонија има франшиза Пицајоли која е во Кочани на Зоран Паламаро во која сум член и мастер инструктор и во наредниот период размислувам да отвориме уште една школа тука во Охрид за да почнеме да ги обучуваме младите, тие што се квалитетни да ги задржиме тука во нашите ресторани и пицерии. “



Според Трајанов, Охрид како туристичко место се уште нема понуда на италијански пици направени според стандардите, претежно се нуди пица класика, но има обиди тоа да се смени. Сопствениците на пицерии и ресторани треба да инвестираат во обука на пица мајстори, во опрема како кавлитетни печки и артикли, а со тоа пицата која ќе се прави во тие објекти ќе биде поекслузивна како понуда.
„ Има неколку пицерии кои веќе почнуваат да прават модерна Наполитана, но понудата е многу мала, а пицата во Охрид е од некое друго време, пица класика, не велам дека е лоша пица и таа е добра штом опстанува долго време. Проблемот е во артиклите, не се користат артикли какви што се пропишани.“ – посочува Чеде.

Дејанчо Трајанов – Чеде порачува до младите да вложуваат во свое усовршување, вели дека учеството на натпревари носи финансиски товар, но бенефитите се големи за еден пица мајстор кој добива искуство и повисок рејтинг на пазарот.
Тој упати благодарност за поддршката до Cuba Libre Beach & Bar каде изминативе месеци се подготвуваше за настапот на натпреварите заедно со својот асистент Јован Гиноски студент по Гастрономија на ФТУ Охрид. Следен предизвик за Чеде е учеството на Pizza World Cup во Рим кон крајот на септември годинава.
