Пица мајсторот Дејан Трајанов Чеде на светски шампионат
Дејан Трајанов Чеде е еден од најдобрите пица мајстори во Македонија. Правењето совршена пица го започнал како хоби, а го усовршил кај маестро Зоран Јованоски Паламаро на лиценцираната Академија за пица мајстори. Тој е длабоко навлезен во техниките за правење Пица Наполетана и Пица контепоранија или модерна наполитанска пица. Во државава на рака можат да се избројат мајсторите кои ги прават овие видови пица. Чеде е еден од нив и ќе ја претставува Македонија на Светското првенство во правење пица кое на 25 и 26 април ќе се одржи во Рим, Италија.
„Јас во оваа професија влегов подоцна во животот. За мене учеството на светското првенство значи престиж и можност за усовршување на техниките, можност да запознаам нови луѓе, да споделам знаења и искуства. Сум учествувал на натпревари во Македонија, но ова ќе ми биде прво учество на еден официјален светски шампионат. „ – вели Дејан Чеде.
Дејан ќе се натпреварува во категоријата подготвување наполетанска пица. Да се добие овој вкусен деликатес со крцкава, лесна и воздушеста кора не е лесно. Тестото за наполетанска пица има долг процес на ферментација, тоа треба да остои 36 часа а понекогаш дури и 90 во контролирани услови, објаснува Дејан.
„За да се направи добро тесто влијаат многу фактори, како температура на воздухот, влажност, квалитетот на брашното, да извадиш добар глутен , што е кај нас реткост бидејќи брашната се многу сиромашни со глутен. Подолго време употребувам наши брашна ги испитувам, додавам некои продукти, се консултирам со врвни италијански мајстори. Јас секоја година одам по најмалку два пати во Италија, комуницирам со мајстори, посетувам курсеви, правам пици таму и имам доста позитивни критики од тамошните мајстори и од тука од Македонија . „ – вели Чеде.
Тој интензивно се подготвува за натпреварот. Деновиве вежба во соработка со Мартин Александров, пица мајстор од Штип кој една година работи во во х. Парк во Охрид. Мартин вели дека работата со неговиот пријател Чеде, кого го смета и за свој ментор, многу му значи, бидејќи целта му е постојано да учи, да експериментира и да се надоградува.
„Во Македонија може да се заработува добро како пица мајстор , да се заработува над просечната плата. Побарувачката за пица мајстор во Македонија е многу голема затоа што доста луѓе кои имаат големо искуство заминуваат да работат во странство од финансиски причини. Но јас сакам да успеам тука во Македонија и се одлучив да останам овде. “ – изјави младиот пица мајстор Александров.
Дејан Чеде на натпреварот ќе носи свои продукти за подготвување на пицата. Вели дека таму ќе бидат пресудни условите каде ќе се подготвува тестото. Судиите ќе го отценуваат не само изгледот и вкусот на крајниот производ туку секој чекор на натпреварувачите во процесот на подготовка. На нашето прашање, што ќе биде пресудно еден Македонец да направи најдобра наполетана во земјата од каде потекнала пицата, мајсторот со одговор:
„Не е лесно, но желбата и како што велат Италијаните , тестото се состои од 4 артикли: брашно, вода, квасец и сол, но најважна е страста или љубовта. Ако не поседуваш страст не можеш да бидеш добар пица мајстор на една наполитанска пица.„ – дециден е пица мајсторот Чеде.
На Светскиот шампионат во правење пица во Рим ќе учествуваат околу 750 мајстори. Македонскиот тим, покрај Дејан Трајанов – Чеде, го сочинуваат уште и Хисен Таири и Синиша Чамџиќ кои ќе се натпреваруваат во категориите Пица класика и Мистери бокс. Ментор на тимот е Зоран Јованоски Паламаро.