Skip to main content

Одбележана 78ма годишнина

Пиетет и обединувачки пораки за слободен Охрид

Градот денеска го чествува херојството и жртвата на младите партизани кои ги положија своите животи на олтарот на слободата во која ние денес живееме. Денот на ослободување на Охрид, 7 ноември свечено одбележан со положено свежо цвеќе пред спомениците на жртвите, културно-уметничка програма и пораки за заедништво и просперитет.
 |  инфодеск  | 
7 Ноември

Охрид живее слободно 78 години. Градот денеска го чествува херојството и жртвата на младите партизани кои ги положија своите животи на олтарот на слободата во која ние денес живееме.

Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата, истакна Градоначалникот во своето обраќање на централната свеченост по повод 7ми Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид. Оживотворување на идеалот за слобода, се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција во втората светска војна во која беа положени илјадници животи за конечна победа и слобода на Македонија, кажа Пецаков.

Денес 78 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страната на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверен сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации.“, кажа Кирил Пецаков, Градоначалник на Охрид.

Со едноминутно молчење беше оддадена почит на борците кои ги положија своите животи за ослободување на Охрид. Љубиша Машановиќ, потпретседател од Сојузот на борци од Охрид и Дебрца ги потсети присутните на фронталниот напад и жестоките борби кои рано утрото во 3 часот пред 78 години довеледо извојување на победата.Денес на овој значаен празник, ја имаме честа и големо задоволство припадници од различни генерации да ја споделуваме гордоста што сме заедно во одбележување на датумот кој го означува времето што треба да го паметиме, да не го заборавиме,кажа Машановиќ.

На овој голем празник да се потсетиме дека без почит кон минатото нема ни просперитетна сегашност ниту подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, со цел нашата земја да биде заеднички дом за сите наши граѓани. Нека овој ден биде потсетник дека во животот секој ден е борба, борба за подобар живот, борба за градење на подобро утре, поздраво општество, борба за политичка стабилна економски напредна држава со светла иднина и безбеден дом за сите наши граѓани.“, истакна Љубиша Машановиќ, потпретседател од Сојузот на борци од Охрид и Дебрца

Ослободување

Делагации утрово положија свежо цвеќе пред спомен обележјата на борците од НОБ во Спомен паркот на револуцијата, пред Спомен обележјето на Јасна Ристеска во с. Рамне каде се одржа панихида и културно- уметничка програма. Свежо цвеќе беше положено и пред спомен обележјата од НОБ кај Градски гробишта, Градски парк, Основен суд, двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Чествувањата по повод 7ми Ноември продлжуваат со свечена приредба по повод патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во спортската сала „Билјанини извори“, а истите ќе бидат заокружени со седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”, во концертната сала на училиштето.