Skip to main content

Пијте кафе и учете за Охрид

Двојно уживање од пиењето кафе. Од неодамна пиејќи го овој топол напиток во дел од охридските кафулиња и ресторани можете да уживате во дознавањето на нови факти за урбаната историја на градов. Охридскиот историчар доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе помалку или повеќе познатите факти за Охрид, ги испиша на парче хартија, убаво ги спакува и им ги понуди на угостителите да ги послужуваат со секое кафе. 

 |  Јаковлева Лионела  | 

Испијте кафе и научете нешто повеќе за урбаната историја на Охрид. Од неодамна во дел од охридските угостителски објекти покрај кафето ќе добиете и испишана порака со „Факти за Охрид“ креирана од охридскиот историчар, доц. д-р Никола Митровиќ – Бабе. Податоците кои се испишани на тоа мало парче хартија убаво спакувано, покрај за едукација допринесуваат да се развие дополнителна тема на разговор меѓу оние кои седнале да испијат кафе.

Засега интересот е навистина голем. Ова беше еден пилот проект кој го направив во временски период кога во Охрид нема многу туристи се со цел да видам како најпрво охриѓани ќе го примат овој проект, вели Бабе.

Има над илјада податоци кои се ставени на хартија, а кои се дел од урбаните легенди кои повеќе или помалку им се познати на охриѓани. Има факти за настанувањето на Античкиот театар, за Плаошник, за фамилијата Робевци, за модата во Охрид во раните триесетти години од минатиот век, за трендафилите по кој бил познат градов и многу други интересни приказни.

Пронајдов толку интересни податоци кои ги споделував во разговор со моите пријатели, меѓутоа сфатив дека за да допрам до охриѓани, а и до туристите кои го посетуваат нашиот град мора да најдам некој друг начин па затоа започнав со оваа иницијатива, објаснува Бабе.


Кафето со „Фактите за Охрид“ се служи во хотел СУ, во ланџ барот Објектиф, кафе тераса „Аквариус“, ресторан „Чун“, во „Куба Либре“, во Шила, во кафетеријата на Плаошник, во ресторанот Острово во Св. Наум,а интересот од ден на ден расте. Митровиќ вели дека веќе работи на селектирање факти за Кичево, Струга, Битола и Скопје и дека и овие градови покажале интерес за имплементација на оваа идеја. Инаку таа е заштитена како интелектуална сопственост, а „Фактите за Охрид“ моментално се напишани на македонски јазик, а ќе бидат преведени и на англиски, а доколку има интерес и на холандски јазик.