Skip to main content

Седница на Совет на Општина Охрид

Во план е реконструкција и подобрување на инфраструктурата на градските гробишта во Охрид

Изготвен е проект за реконструкција и подобрување на инфраструктурата на Градските гробишта кој ќе се реализира постепено, бидејќи потребни се средства, истакна Пецаков на последната седница на совет. Советниците од опозицијата велат, гробиштата се во катастрофална состојба. Пецаков рече дека лично ќе ја провери состојбата во која се наоѓаат градските гробишта.
 |  Голабовски Крсте  | 
Градски гробишта

На последната седница на Советот на Општина Охрид, посветена на советнички прашања, стана збор и за состојбата во која се наоѓаат градските гробишта. Советникот од ДУИ Бесник Османи со забелешки за состојбата на муслиманскиот дел од гробиштата, за што претходно имаше и реакции од граѓани.

„Муслиманските гробишта се оставени во катастрофална состојба, одржувањето е катастрофа. Граѓаните се многу револтирани по минатиот Курбан Бајрам. Како што знаеме пред неколку совети се гласаше поскапување. Помина поскапувањето, да одиме сега да видиме навистина е катастрофа.“ – кажа советникот Османи.

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков одговори дека во план е  реконструкција и подобрување на инфраструктурата на Градските гробишта во Охрид, за што веќе е изготвен проект кој ќе се реализира постепено, бидејќи потребни се средства, истакна Пецаков на последната седница на советот, на чиј дневен ред беа советнички прашања. Тој најави дека лично ќе ја провери состојбата во која се наоѓаат двата дела од градските гробишта.

„Во понеделник ќе одам директно во ЈП „Градски Гробишта“, каде се гробиштата, да ја проверам состојбата на местата, и лично таму каде вие сметате како советник, и каде јас ќе заприметам, не само во едниот дел, туку секаде каде има проблем, ќе го решаваме.“ – рече градоначалникот.

Изготвена е пресметка за гробиштата да добијат една нова генерална патна инфраструктура и ќе се почне постепено и коцките, и плочките кои се поставени низ гробовите да се санираат, најави првиот човек на Охрид.