Skip to main content

План за заштита на студенчишкото блато

Потребата за  заштита на Студенчишкото Блато се покажува како еден од клучните моменти за заштитата на Охридското Езеро и неговиот биодиверзитет.

 |  Татјана Маленкова  | 
По распишаниот оглас за изработка на Студија за заштита на блатото од страна на општина Охрид, подготвена е Нацрт Интегрирана студија за состојбата со остатокот на Студенчишкото Блато и мерки за негова ревитализација. Предметот за заштита на студенчишкото блато е предмет кој се работи неколку години наназад и е еден од приоритетите за заштита на целокупниот слив за заштита на Охридското езеро, кој е утврден во билатеријалниот секретаријат за заштита на Охридското езеро.
„Компонентата студенчишко блато е многу важна не само за живиот свет  кој живее во него, туку и за поврзаноста со езерскиот систем, а сето тоа со една економска валоризација на целиот простор“, вели Дејан  Паноски,  од Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро при МЖСПП.


Според нацрт планот за заштита на блатото низ него треба да се уредат патеки, мали мостови за движење на посетителите и да се направат неколку набљудувачници. Потоа овој простор треба да се стави во туристичката понуда на Охрид, затоа што токму вакви локации и елементи се интересни за потенцијалните туристи.
Пановски позитивно гледа на плановите на локалната самоуправа со кои  тие најавуваат отстранување на управната зграда на ЈП Охридски комуналец која окупира дел од студенчишкото блато. Според него добра е идејата сегашната дирекција на ова ЈП да се трансформира во информативен центар за посетителите на блатото.

Сега засега готова е само Нацрт верзијата за ревалоризација на блатото. Динамиката на целокупниот процес ќе треба за многу брзо време да се утврди или на седница на совет или пак локалната самоуправа да донесе акт за спровесување на планот, за веднаш потоа да се изнајде модул како ќе соработуваат локалната самоуправа и министерството за животна средина. Најважно од се е целиот процес да започе многу брзо и делот кај Студенчишкото блато да добие правна заштита, вели Дејан Паноски, претставник на Билатералниот Секретаријат за сливот на Охридско Езеро при МЖСПП.