Планинската спасителна служба Охрид на конгрес на ICAR го претставува Националниот Сојуз
Делегација од Планинската спасителна служба Охрид (Ohrid red cross – Mountain Rescue Service) оваа година го претставува Националниот Сојуз за планинско спасување (НСПС) на годишниот конгрес на ICAR (International Commission for Mountain Rescue), кој се одржува деновиве во Тоблах, Јужен Тирол.
„Конгресот започна со практичен ден, на кој се разменуваат вештини и практични искуства од светот на планинското спасување. Оваа година, акцентот беше ставен на неколку различни техники за спасување од карпа со примена на алпинистички техники, како и неколку методи за хеликоптерско спасување. “– информираа од Планинската спасителна служба Охрид
Покрај практичната работа, присутните имаа можност да се запознаат со современите технолошки достигнувања од областа на беспилотните летала (дронови), кои полека стануваат нераскинлив дел од операциите за пребарување и спасување, како и со неколку современи типови на специјализирани теренски возила, нивните карактеристики и опрема со кои располагаат.
Практичниот ден се одржа во прекрасниот амбиент на доломитите, во подножјето на познатите Три Кули на Лаваредо (Tre Cime di Lavaredo).
Оваа година на конгресот учествуваат повеќе од 600 учесници, припадници на службите за планинско спасување од целиот свет, како и претставници од најпознатите производители на опрема, возила и воздухоплови за спасување.