Планинската спасителна служба е од голема важност за регионот, но освен Охрид другите општини незаинтересирани за нејзина одржливост
Туристите и граѓаните, вљубеници во природата и авантуристичкиот туризам, за да уживаат безбедно во убавините на охридско струшкиот регион се грижи Планинската спасителна служба (ПСС) Охрид. Искусните спасители, алпинисти од АК „Патагонија Охрид“, обучени и технички опремени по меѓународни стандарди се на располагање 24 часа – седум дена во неделата и тоа на волонтерска основа. ПСС која е неопходна како систем за развој на алтернативните форми на туризмот во регионот, требаше да биде одржлива со поддршка на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани и Ресен. Но во овој момент таа функционира единствено со одредена финансиска помош само од Општина Охрид.
„ Еве до овој момент немаме никаква реакција од општините со желба да го поддржат овој систем. Единствено реализација во овој момент, конкретен договор и финансирање има само од Општина Охрид. И тоа е делумно. За жал морам да кажам дека капацитетот со кој располагаме во моментов се должи исклучиво на делумното финансирање од Општина Охрид. Додека останатите општини од регионот не се вклучени иако гледате дека регионално ние не можеме да се издвоиме. Еве уште еден апел, иако предходно дури и од дипломатите во државава имаше писмени реакции до општините дека треба да ги поддржат волонтерските системи ние за жал се уште немаме.“ – вели раководителот на ПСС, Антонио Додевски.
При последната интервенција на ПСС за техничко извлекување стануваше збор за жители на Ресен, а сообраќајната несреќа се случи на граница на катастарски општини Охрид и Ресен. Чести се интервенциите на службата и во Дебрца како и на планината Јабланица на територии на Струга и Вевчани. Сите овие општини имаат потпишано меморандуми за поддршка на службата, но истите не се реализирани.
„Ние уште на почетокот при самото формирање на оваа 24 часовна служба, пред околу 6-7 години, во рамки на проектите кои ги спроведувавме направивме и една детална студија за финансиска одржливост на службата кадешто кажавме дека неминовно овие системи за спасување како што е секаде низ светот е неопходно да бидат финансирани од надлежните локални и државни институции.“ – вели Додевски.
Само од почетокот на оваа година ПСС имала 18 интервенции. Низ изминативе години ПСС покажа дека во ситуации каде останатите надлежни служби и институции немаа решение тука се волонтерите спасители кои со посебна опрема и техника по меѓународни стандарди успеваат да решаваат комплексни ситуации.