Планинската Спасителна Служба интервенираше на Галичица
Планинската Спасителна Служба интервенираше на Галичица, од каде возило со двајца патници беше извлечено од снежните наноси. Превојот на патниот правец преку планината Галичица е блокиран од снегот кој наврна, па од службата потсетуваат дека овој патен правец е со ограничен режим на сообраќај во зимскиот период и да се избегнува негово користење.
На Галичица, на превојот „Баба“, викендов заглави возило со двајца патници. Авантурата на овие вљубеници во природата можеше да заврши фатално, но за среќа екипа од Планинската Спасителна Служба интервенираше па возилото беше извлечено од снежните наноси.
Патниот правец преку планината Галичица не е безбеден во ниту еден сегмент за користење во зимски услови, особено ако имаме во предвид дека редовно има бројни одрони во текот на зимскиот периоа, ана многу места има и замрзната подлога и патот треба да е целосно забранет во вакви услови, вели Антонио Додевски, Спасителна служба на планина.
Од снежните наноси целосно е блокиран превојот на патниот правец Р-2332, преку планината Галичица. Од службата потсетуваат дека овој патен правец е со ограничен режим на сообраќај во зимскиот период, при што сообраќајот е дозволен само во должина од 9 км, од Трпејца до излетничко место „Корита“, додека останатиот дел е затворен за сообраќај.
Над излетничкото место Корита патниот правец е навистина во сериозни зимски услови бидејќи самата микро клима на нашиов регион налага над 1400 метри да имаме суб алпска микро клима и таму се условите многу поразлични од она што го гледаме долу, објаснува Додевски.
Апел до љубителите на планината и зимските авантури, да бидат крајно внимателни на овој патен правец, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи бидејќи во моментов на места има големи снежни наноси, замрзната подлога и одрони, кои ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Спасителната служба секој викенд е на Галичица во случај да има некаква потреба од интервенција. Доколку некој се најде во несакана ситуација слободно може да се јави на тел. бр.1312 кој е достапен 24 часа или пак да се јават во СВР Охрид. Оваа зима спасителната служба на планина имала вкупно три интервенции.