Планинскиот туризам во нашата земја сеуште не е доволно развиен
Нашата земја е 70% планинска, а тоа значи дека има огромен потенцијал за развој на планинскиот туризам, за што пак е потребна професионализација и стандарди, сметаат од Македонската асоцијација на Интернационални водичи во планина. Од таму исто така посочија дека и без водичи во планина не може да се говори за планински туризам, бидејќи обучените водичи се гаранција за безбедност на клиентите, посебно за туристите.
Планинскиот туризам во нашата земја сеуште не е доволно развиен. За неговиот развој потребна е професионализација и стандарди, посочуваат од Македонската асоцијација на Интернационални водичи во планина. Професијата водич во планина, е една од најтешките професии во светот. Водичите на планина сметаат дека потребно е да се направи разлика помеѓу спортска планинарска активност и туристичка активност на планина.
„Во туризмот ние имамe едни стандарди, работиме многу често со луѓе кои што воопшто не се искусни за таа работа и одговорноста за организирање на целата тура е наша, не само за безбедноста на клиентите туку и за нивното уживање и доживување на дестинацијата. Од друга страна, она што е спортска активност во рамки на спортските клубови, членови на федерациите, станува збор за спортски активнисти каде што сите учесници би требало да бидат соодветно обучени“.
Претседателот на Макнската асоцијација на Интернационални водичи во планина Константин Циривири, појасни дека сите водичи со лиценца работат без исклучок врз основа на меѓународно признаени стандарди, со завршена обука која трае намалку две години. Тој укажа укажа и на негативните примери кога туристички агенции нудат излети и тури на планина без ангажман на професионални водичи.
„Станува збор за еден глобален процес кој функционира на глобално ниво и јас ви гарантирам дека нашата лиценца не може да се купи. Постојат строги контролни механизми, најважниот се клиентите. Тие после извесен период препознаваат каде е квалитетот и безбедноста. Импровизацијата со квалитетот и безбедноста во вака сензитивни дејности може да го уништи имиџот врз дестинацијата и професијата и тоа да има повеќекратни лоши последици. Нашата организација никогаш не си поигрувала со професијата“.
Стекнатата лиценца според Циривири гарантира исполнети критериуми, процес кој функционира на глобално ниво, со строги контролни механизми неопходни за позитивни ефекти во областа на туризмот. Инаку, Македонија поседува обучени лица кои го исполнуваат стандардот Меѓународен водич во планина. Тој подразбира поседување технички вештини за работа со различни категории клиенти, познавање на теренот, лични познавања на флората, фауната, историските знаменитости на предвидената тура што се нуди како туристички производ. Моментално во Македонија има 140 водичи што поседуваат лиценца и сертификат на Меѓународната асоцијација на водичи во планина. Од нив 40 се со статус активно членство што подразбира обнова на лиценцата на секои шест месеци и учество на обуки, тренинзи за усовршување. Проценка на експертите е дека во земјата има потреба од некаде 300 до 400 добро обучени, лиценцирани водичи кои во соработка со туристичките агенции ќе можат да понудат квалитетни туристички производи.