Плажите кои немаат концесионери ќе ги одржува општина Охрид
Преку ЈП Охридски Комуналец редовно ќе се одржува комуналната хигиена. На плажите се засадени дрвца, а ќе бидат поставени и соблекувални, контејнери, корпи и подвижни тоалети.
На охридските плажи кои немаат концесионери на крајбрежјето одржувањето на комуналната чистота го презема општина Охрид. Обврската за нивно чистење е на ЈП Охридски комуналец по отстранување на нелегалните шанкови и угостителски објекти на крајбрежјето. Постетителите ќе доаѓаат на плажите кои нема да бидат оставени без соодветно одржување на хигиена, информира Томе Џамтоски, портпарол на општина.
„За тие плажи ќе се грижи општина Охрид преку ЈП Охридски комуналц. Тие се задолжени за овие места да ги чистат и уредуваат плажите за да се во добра состојба за посетителите на крајбрежјето. Секојдневно ќе се чистат и верувам дека акцијата ќе се одвива континуирано“.
Љупчо Грданоски, директор на Јавното претпријатие Охридски комуналец, подвлекува дека нивните екипи постојано ќе бидат на терен. Вработените ќе ја одржуваат хигиената на просторот на плажите без концесионери, а се отпочнати и зафати за поставување на содржини неопходни за пријатен престој на посетителите на плажите.
„Јавното претпријатие пристапи кон уредување на вегетацијата на тие плажи. Во моментов, се поставени соодветни пластични контејнери за комунален отпад кој ќе се создава на тие плажи, покрај патиштата се поставени 120 литарски контејнери. Нашите вработени во прва и втора смена ќе ги празнат, а се засадуваат и дрвја“.
Покрај овие содржини се поставуваат соблекувални и подвижни тоалети. ЈП „Охридски Комуналец“ ќе се грижи за хигиената каде што се одстранети нелегалните објекти и на потегот од Немо, Св. Стефан, Акапулко, Лагадин, Атлантик, а исто така и на локациите Лабино и Потпеш.