Skip to main content

Плоштадот Чинар ќе се реконструира

Локалната самоуправа распиша конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на плоштадот Чинар.  Во проектната  програма се наведени  и барања кои треба да се исполната при реконструкцијата. Охриѓани бараат  одстранување на сегашната фонтана на малиот плоштад.

 |  Валентина Неловска  | 

Плоштадот Чинар ќе се реконструира. Локалната самоуправа распиша конкурс за избор на идејно решение за измена на сегашниот изглед на малиот плоштад. Охриѓани имаат свои видувања за уредување на плоштадот.Случајно избраните граѓани сметаат дека за сегашната фонтана  треба промена.

Локалната самоуправа бара нови решенија од архитектите при изработката на идејното архитектонско решение за реконструкција на плоштадот и во опкружувањето околу фонтаната. Има услов таа делумно да се помести за да овозможи пофункционално и порационално решение на просторот околу неа.

Покрај ова барање од архитектите се очекуваат добри решенија за партерно уредување на просторот при поставување на монтажно – демонтажни тезги како дел од урбана опрема, На овој простор меѓу другото треба да се обезбеди непречен пристап, движење, престој и работа на лица со инвалидност. Во идејното решение се препорачува одстранување на сувенирницата и билбордот, како и паркинг просторот.

Предвидено е и хортикултурно уредување на просторот со жардинери и уредување на просторот околу стеблата на постојните дрва со предвиден систем за наводнување како и поставување клупи за седење и корпи за отпадоци. Изготвените идејно архитектонски решенија треба да се достават до локалната самоуправа најдоцна до 3-ти мај.