Плоштадот „Крушевска република“ есенва ќе добие нов лик
Плоштадот „Крушевска република“ есенва ќе добие нов лик. Проектот за негова реконструкција е готов, треба да се завршат уште некои технички работи. Ќе има содржини кои ќе ја запазат автентичноста на просторот бидејќи тој дел припаѓа на заштитеното градско јадро.
Од есенва ќе започне реконструкцијата на плоштадот „Крушевска република“. Овој проект кој е готов веќе две години, по се изгледа конечно ќе се реализира. Работите закочија поради нерешени имотно правни односи на една парцела која влегува во плоштадот, но од Секторот за урбанизам велат дека и тоа ќе биде завршено до крајот на месецов.
Колку сите овие процедури да можеме да ги забрзаме сепак поради туристичката сезона до 15ти септември не може ништо да се прави, но веднаш после тоа ќе се започне со раборта на терен, објаснува Томе Џамтоски, портпарол на Локалната самоуправа.
Сегашниот изглед со целокупната инфраструктура, постоечката фонтана и урбаната опрема на овој плоштад не се на задоволително ниво и истите се во лоша состојба, па оттука се јавува потреба од нивно реконструирање. Уредувањето на овој плоштад ќе придонесе за создавање поубав амбиент за одмор и прошетка на Охриѓани и туристите и место каде што ќе може поефикасно да се организираат настани и манифестации особено во текот на летната туристичка сезона.
Ќе има содржини кои ќе ја запазат автентичноста на просторот бидејќи тој дел припаѓа на заштитеното градско јадро и се надевам дека проектот ќе ги задоволи вкусовите на сите граѓани, вели Џамтоски.
Со реконструкцијата се предвидуваат нови содржини кои ќе бидат во согласност со стандардите за заштита на културното наследство и една нова понуда која во текот на целата година ќе ги привлекува домашните и странските посетители.
Инаку реконструкција на плоштадот „Крушевска Република” како едно од најрепрезантативните места во Охридското централно подрачје беше дел и од предизборната програма на актуелниот градоначалник Константин Георгиески.