Skip to main content

По 18 години повторно се оперираат крајници во Општа болница Охрид

Првата интервенција беше изведена врз шестгодишно дете од доктори од Охрид, со прокторство (надзор и поддршка) од тимот на Клиниката за уво, грло, нос од Скопје, предводен од директорот д-р Игор Камшиковски.
 |  инфодеск  | 

По пауза од 18 години, во Општата болница во Охрид повторно се изведуваат операции на крајници.

Пациентите од Охрид и од целиот Југозападен регион, кои со години беа принудени да патуваат во други градови поради долгите листи на чекање, отсега оваа интервенција ќе можат да ја направат и на Одделението за уво, нос и грло во Охрид.

Денес во болницата беше изведена и првата ваква операција, под менторство на искусни хирурзи од Скопје.


„Точно пред 18 години беше направена последната операција на крајници, која претставува еден од основните оперативни зафати. Особено сум горд што после толку години во нашиот град повторно започнува оперативната програма на одделението за уво, нос и грло. Тоа значи големо олеснување за граѓаните, особено за најмладата популација која во почеток ќе биде најчест пациент за овие зафати.” – изјави д-р Горан Маркоски, директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

Првата интервенција беше изведена врз шестгодишно дете, под супервизија на лекар од Клиниката за уво, нос и грло од Скопје.


„Во соработка со Клиниката за уво, нос и грло операцијата ја изведовме јас, колешката Ангела Колеска, заедно со анестезиологот и началничката на одделението. Се надеваме дека ова ќе премине во редовна практика и веќе имаме договор секој понеделник да се изведуваат операции на крајници.”
– изјави д-р Наум Костојчиноски, хирург.

Лекарите од одделението велат дека имаат искуство со ваквите интервенции од периодот на специјализација и дека повторното воведување на операциите е значајно и за регионот.


„Сите ние ова сме го работеле безброј пати за време на специјализацијата, така што не е нешто ново за нас. Одлично е што повторно се воведува како пракса, бидејќи Охрид е регионален центар и имаме пациенти не само од Охрид, туку и од Струга, Кичево, Дебар и Ресен.”
-изјави д-р Ангела Колеска, хирург.

Интервенциите се изведуваат во општа анестезија и бараат внимателна подготовка на пациентите.


„Имаме рутинско искуство со педијатриска популација, но ова е специфична регија и интервенциите се изведуваат во општа анестезија. Потребно е да се одбере период кога детето е во оптимална здравствена состојба. Операцијата помина одлично и сите сме задоволни.”
– изјави д-р Марина Грозданоска, анестезиолог.

Изминатите години пациентите со ваква потреба беа упатувани во Скопје или во приватни клиники, каде листите на чекање често беа долги со месеци.


„Имаше голема потреба од вакви оперативни зафати. Пациентите се испраќаа на Клиника или во приватни болници, а листите на чекање беа долги – понекогаш и по неколку месеци или една година. Сега тоа нема да се случува, бидејќи овие пациенти ќе можат безбедно и сигурно да се оперираат тука, во Охрид.” – изјави д-р Билјана Кичеец, началник на Одделението за уво, нос и грло.

Со повторното воведување на оваа хируршка услуга се очекува значително да се намалат листите на чекање, а пациентите од целиот Југозападен регион побрзо да добијат потребна медицинска интервенција во својата матична болница.

Соња Рилковска