По 18-ти пат ќе се одбележи Светскиот ден на бубрегот
18 година по ред кампањата за Светскиот ден на бубрегот се одбележува во вториот четврток од месец март во многу земји на сите континети.
На 9 март 2023 година, мотото на Светскиот ден на бубрегот е „Здрави бубрези за сите: Подготовка за неочекувани ситуации, поддршка на ранливите лица“. Ова мото е повик за акција до целото општество вклучително и креаторите на политиките на здравствените услуги, владите, индустријата како и луѓето кои живеат со бубрежна болест и нивните негуватели, сите мора да бидат добро подготвени за неочекувани настани за да се избегне било какво нарушување во пристапот до дијагноза, третман и нега на болните лица.
Актуелните случувања со Ковид пандемијата како и здравствените, економски и природни катастрофи со кои се соочува човештвото го покренаа апелот покрај основните пораки на кампањата за зачувување на бубрежното здравје да се обрне внимание на плановите на земјите и здравствените системи за справување со несакани и непредвидени настани за заштита на ранливите групи од населението. Во Македонија кампањата за Светскиот ден на бубрегот се спроведува преку активностите на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ во соработка со стручните медицински здруженија, институциите, здравствените установи од областа нефрологија, дијализа и трансплантација како и пациентите и медиумите.
Бубрежните болести се незаразни болести, а 850 милиони луѓе ширум светот имаат некоја форма на бубрежна болест. Секој 10-ти човек има некоја форма на хронично заболување на бубрезите, а во светски рамки 2,6 милиони луѓе се лекуваат со дијализа или трансплантација, иако потребата за тоа е многу поголема. Целта на кампањата на Свесткиот ден на бубрегот е да се истакне дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економски трошоци од хроничната бубрежна болест. Затоа, годинава во текот на месец март со помош на здравствените установи и центрите за дијализа низ целата држава се спроведуваат акции за подигнување на свеста за грижата за бубрежното здравје и преку едукација и организирани мерења на шеќерот во крвта и крвниот притисок и делење медицински совети бесплатно ќе им се овозможи на голем број граѓани навремено да ги откријат, но и да превенираат и спречат бубрежни болести. Едукацијата е особено важен сегмент од кампањата и во училиштата ќе се спроведат едукации за децата на возраст од 12-16 години, а со бројни медиумски настапи ќе се влијае на информираноста и едуцираноста на целокупната јавност.
Освен активностите за Светскиот ден на бубрегот, 2023 година е значајна за Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ поради тоа што се навршуваат 20 години од постоењето и активно работење на организацијата. Овој значаен јубилеј здружението ќе го одбележува со повеќе активности, а јубилејот го посветува на сите свои членови на 1500 пациенти на дијализа и 240 лица со трансплантиран бубрег кои живеат и континуирано се лекуваат во Македонија, на сите органодарители, фамилии кои даруваа органи од своите блиски, на медицинскиот персонал кој постојано се грижи за пациентите и сите останати поддржувачи на активностите на здружението.
Терминалниот стадиум на хроничната бубрежна болест е тешка состојба, која бара континуирано лекување и постојана нега. Оваа состојба одредува посебен начин на живот, со многу одрекувања, со постојани третмани кои траат 4-5 часа секој втор ден во центар за дијализа. Сепак, дијализата го продолжува животот, а трансплантацијата наполно го променува. Нашите членови и соборци се доказ за тоа и 20- годишниот јубилеј на Здружението „Нефрон“ ќе биде посветен на сите нив, особено на луѓето кои во континуитет 20 и повеќе години се лекуваат со дијализа и трансплантација, а според нашето скромно истражување тоа се 70-тина лица. За сите нив „Нефрон“ ќе одржи посебни настани на кои ќе им дадеме посебно признание за нивната борба и истрајност во животот со болеста – истакна Душко Ѓоргиев, претседател на здружението „Нефрон“.
Треба да има акциски план за управување со пациенти со потреба од континуирана нега и план за одговор на идни настани кои би можеле да резултираат со прекин на испораката на грижата за пациентите, како и планови за подобрување на ефикасноста на јавните здравствени услуги во услови на криза. Одговорноста лежи во повеќе нивоа, а императив се системски решенија и соработка. Владите во сите земји мора да развијат и имплементираат соодветни политики за да обезбедат рамка за адаптивни, робусни и еластични здравствени системи за да функционираат оптимално за сите пациенти во време на итни случаи и закрепнување кое ќе биде поддржано од здравствените служби, невладините организации и заедницата. Ангажирани и подготвени треба да бидат и пациентските организации кои се составен ден на сите планирања – велат од меѓународните организации IFKF и ISN кои се иницијатори на светската кампања.
Светскиот ден на бубрегот во Македонија се одржува по 18-ти пат, а настани по повод денот има во сите градови ширум земјата во соработка со центрите за дијализа Диаверум и Нефроплус, Клиниките за нефрологија и урологија и Заводот за нефрологија во Струга.