По втор пат откажан почетокот на театарската сезона во Охрид
По втор пат откажан почетокот на театарската сезона во Охрид.
Актерите од народниот театар ја откажаа театарската претстава „Емигранти“. По „ Сонот на летната ноќ“ со која првично беше најавено отворањето на театарската сезона, ова е втора претстава што се откажува. Што се случува во охридскиот народен театар? Дали со неизведувањето на закажаните претстави актерите го искажуваат своето незадоволство? Раководните луѓе од културата, пак не ги лоцираат причините зошто нема претстави.
10 мината актери од охридскиот народен театар доаѓаат на работа, одржуваат проби, но репертоар и претстави нема, вели директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска. Таа е изненадена од ваквиот развој на настаните. Додава дека е во контакт со раководителот на театарот, Горан Стојаноски и дека е запозната со дел од проблемите. Условите за работа се такви какви што се, но постојано се подобруваат и од ресорното министерство има позитивни сигнали за понатамошно вложување во театарот, вели Боцевска. Сите кои потпишаа договори за работа беа свесни за условите, а за последните случувања Боцевска вели дека не ја знае точната причина.
„ Очекувам целосен извештај. Точна претства и јас немам зошто е прекината. Веројатно се повеќе работи очекувам извештај од него за да не прејудицирам зошто е откажана. За да видам кој се работите дали може да се подобри работата или не“.
Во недостиг на информации за проблемите или барањата на вработените во театарот, јавноста може само да нагаѓа зошто претставите се откажуваат. Боцевска признава дека неколку месеци центарот за култура доцни со исплатата на хонорарите за двајца техничари, а за кои нагласува дека ќе им бидат исплатени до крај на годината. Се согласува дека и платата на актерите е пониска од останатите театри, дека има потреба од нови вработувања. Ние побаравме од министерството нови вработувања и очекуваме позитивен одговор, кажува Боцевска. Се поставува и прашањето дали можеби од охридскиот театар бараат да функционираат како посебна институција. Боцевска кусо одговори.
„ Сепак нив ќе ги прашате. Тоа е прашање за нив, можеби бараат ама јас не можам да одговорам“.
Во неколку наврати се обидовме да го исконтактираме и директорот на театарот, Горан Стојаноски за да ги слушнеме и неговите аргументи. Стојаноски не упати по одговори кај директорката на Центарот. Избегна да ги коментира последните случувања. Охриѓани долго време го чекаа охридскиот театар кој ваков каков што го имаме денес е резултат на големо залагање и визија на охридските актери. Оваа институција заслужува да бидат изнесени проблемите на виделина, да се побара решение и да и се даде секоја поддршка за нејзино нормално функционирање во иднина.
{loadposition content9}