Skip to main content

Почна празничната еуфорија

Се нема се нема, но за Велигден трпезата мора да биде полна. Граѓаните забрзано пазарат за престојниот празник. Секако главно место на трпезата има јагнешкото месо. Оваа година според цената тоа е подостапно за купувачите, но има и такви кои повеќе сакаат свинско.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Почна празничната еуфорија. Пред маркетите во градов и на касите ред се чека за да се плати за купените артикли. Граѓаните забрзано ги прават последните подготовки за најголемиот христијански празник- Велигден. За некого скапо за некого не, но сите одвоиле дел од својот буџет за да ја запазат традицијата.

Велигденските празници секако не можат да поминат ако на трпезата нема јагнешко месо. Во охридските месарници цената на јагнешкото се движи од 250 до 280 денари, а тежината на јагнињата е од 8 до 12 килограми. Здравко Анѓелсоки од месарницата Бизер, месар со долгогодишно искуство, нагласува дека имаат доволни количини јагнешко. Граѓаните купуваат кој како има пари и колку што може да си дозволи, вели Анѓелоски. Има купувачи ама помалку кои купуваат и цело јагне.

Јагнешкото претежно треба ад го има на трпезата и најмногу него го бараат. Оваа година и цената е пристапна. Но, има побарувачка и за јунешко и за свинско. Имам забележано дека последните години се повеќе се бара и свинското месо, вели Анѓелсоки.

За Велигден, покрај месото, јајцата се најбараниот прехранбен продукт, а за да се прослави што побогато скоро секое семејство се труди на трпезата да го има раниот зеленчук и овошје. Цената на овошјето и зеленчукот е различна во зависност од квалитетот. Рано градинарските култури како доматот се движи по цена од 60 до 100 денари, младиот компир се нуди од 40 до 50 денари, краставицата достигнуваат цена од 8о денари, а зелката се продава по 20 денари парче.