Skip to main content

Почнаа подготовки за реконструкција на улицата Јане Сандански

Утрово започна сечење на дрворедот за кој екологистите побараа напуштање на досегашната практика за сечење на дрвата и јавно објавување на проектот. Петнаесетина граѓани кои живеат на улицата Јане Сандански побараа ЛС да го реализира проектот за реконструкција на улицата која ја чекаат 3 децении.

 |  Валентина Неловска  | 

Утринава започна сечењето и отстранување на дрворедот на улицата „Јане Сандански“. Тоа е подготвителна активност за комплетната реконструкција на оваа улица што опфаќа и промена на водоводната азбестна линија. Ќе се реконструира потегот од крстосницата со булеварот „Туристичка“ до кружниот тек кај Болнички комплекс.

„Во рамки на проектот за реконструкција на оваа важна сообраќајница, планирано е подигнување на нов дрворед. Општина Охрид во согласност со својата годишна програма, во континуитет инвестира во подобрување на животната средина и одржување на зеленилото во градот. Во тек е тендерска постапка за набавка на вкупно 300 четиригодишни садници од видот Acer platanoides, од кои дел ќе бидат наменети за новиот дрворед на улицата „Јане Сандански“, напиша на својот профил на Фејсбук градоначалникот Константин Георгиески.

Екологистите бараат објавување на целиот проект за реконструкцијата и напуштање на практиката, како што посочуваат, „уништување замаскирано како некаква реконструкција и согласно закон“.

„Освен едно штуро соопштение неколку дена пред почетокот на градежните активности, јавноста не доби никакви други информации. Општината не понуди ни идејно решение, ни визуелизација. Јавноста не знае што освен „промена на водоводната азбестна линија“ ќе значи таа реконструкција. Дали ќе има дрворед од двете страни на улицата, како некогаш? Зошто има потреба од отстранување на дрвјата? Дали ќе има велосипедска патека од двете страни, како на другите улици или повторно ќе се паркираат возила на едната страна? Иако општината се фали дека била најтранспарентна во југозападниот регион, според делата воопшто не делува како таква“, јавно реагираат екологистите.

Петнаесетина граѓани кои живеат на улицата Јане Сандански денес, се собраа во знак на поддршка на локалната да го реализира проектот за реконструкција на улицата. Велат дека овој проект го чекале 3 децении. Според нив, жално е нешто што се прави за доброто на граѓаните да се стопира. Бараат реконструкција на водоводната и канализационмата мрежа, изградба на велосипедска патека и средување на тротоарот.
Јове Јованоски, еден од постарите жители на оваа улица, ги посочи нивните комунални проблеми.


„Најголем проблем е со водоводната инсталација. Градена е 1956 -57 година.Скоро, на секој два месеци има пукање на цевки на цел дел од улицата и се прават штети. Граѓаните имаат тужено и добиено оштети, а за да не се повтори бараме да се сменат двете инсталации и водовод и канализација. Тротоарите да се поправат, а на местата каде што се сечат дрвата да се посадат нови со подлабок корен.“

Поради непречено одвивање на активностите за реконструкција, од ЛС ги известуваат учесниците во сообраќајот дека ќе има времена забрана за паркирање на возила на оваа улица.