Skip to main content

Почнува замена на кровот на градинката Развигорче со средства обезбедени од Центарот за развој на Југозападниот плански регион

Почнува замена на кровот на градинката Развигорче со средства обезбедени од Центарот за развој на Југозападниот плански регион. Со овој зафат ќе бидат целосно реконструирани два објекти на детската градинка, а замена на кровот и на парните котли е потребна и во останатите  три детски градинки. Локалната самоуправа прави скенирање на состојбите по што ќе изготви листа на приоритетни потреби  за реновирање на охридските  градинки и училишта.

 |  Валентина Неловска  | 

На детската градинка „Развигорче“ во Охрид ќе се заменува кровот со што целосно ќе биде завршена реконструкцијата на овој објект. Инвестицијата е во износ од 1.900.000 денари и е дел од проектот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти. Минатата година во Развигорче беа заменети старата столарија со нови ПВЦ врати и прозори, објектот доби термо фасада, а беа поправени и сменети санитарните јазли, информира Мирјана Лозаноска директор на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

„Оваа година се прави демонтирање на лимениот кров се монтира пластифициран лим со снегобрани и олуци. Површината на кровот е 1735 метри квадратни“, посочува Лозаноска.

Во Охрид од петте објекти кои ја сочинуваат детската установа Јасна Ристеска досега целосно се реконструирани Централната градинка, а по овој зафат и Развигорче. Потребна е обнова на кровот и на останатите три градинки, напоменува Мери Рилкова, директор  на детската  установа „Јасна Ристеска“.

„ Состојбата со крововите е алармантна во останатите објекти Росица, Билјана и Лихнида. Потребно ќе е реконструирање на кровот, но и на парните котли бидејќи се дотраени. Посебно е критично во објектот Росица“, вели Рилкова.

Локалната самоуправа прави скенирање на состојбите во општинските градинки и училишта, па потоа ќе изготви листа на приоритетни потреби, кажува Томе Нанески раководител на Секторот за комунален развој при ЛС.

„Нашата соработка продолжува со Центарот за Југозпаден плански регион. Во фаза сме на изработка на проекти ги согледуваме најитните потреби и во септември ќе аплицираме за да продолжи соработката со Центарот“, вели Нанески.

Центарот за развој на Југозпадниот плански регион досега обезбеди средства преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој за финансирање на проекти за подобрување на енергетска ефикасност на јавните објекти. Покрај , Развигорче во Охрид реконструкција и санација се прави и на објектот на месната заедница во Волино, општина Дебрца, во јавниот објект во општина Кичево, и во детската градинка 8 март – Пеперутка во Струга, за сите проекти ќе бидат вложени околу 11,5 милиони денари.