Вчера во Охрид на 89-годишна возраст почина познатиот охридски просветен работник и писател Коста Фортомароски.
Коста Фортомароски роден е во Охрид во 1933 година во стара охридска фамилија. Основно училиште завршил во Скопје каде работел татко му, но кога почнува војната 1941 година се враќа во Охрид и го продолжува школувањето. Настапуваат тешки години. Рано го губи татко му. По завршувањето на основното училиште учи во Учителската школа во Битола, а потоа на Виша педагошка школа-македонски јазик во Скопје. По завршувањето на вишата школа се вработува како референт за култура при општина Охрид. Потоа се префрлува во просвета и вонредно го завршува Филозофскиот факултет во Скопје. Се вработува во основното училиште „Братство Единство“ каде и се пензионира.
Богатата охридска култура, природните убавини и љубовта кон пишаниот збор биле инспирација за неговото пишување. Почнал со козерии објавени во ,,Просветен работник”, потоа пишувал цртици и раскази. Учествувал на литературни конкурси кои го поттикнувале да продолжи со пишување.
На конкурсот на Радио Охрид за најдобар расказ во 1977 година добил I награда за расказот ,,Билјана” кој е печатен во весникот „Езерски глас” и во првиот број на списанието за литература ,,Спизалит”.
Неговите раскази биле објавувани во Нова Македонија. Во 1988 година добил III награда на конкурсот на подлистокот „ЛИК”.
Автор е на следните дела: романот ,,Прличев горд самјак” (Радио-Охрид1992) и на збирката раскази ,,Бомба во рајот” (Маседонија Прима,1995). Во 2004 г. во издание на „Летра“ се појавува неговиот роман „Жена“. Потоа во 2005 „Пролетта на Живко Чинго”; 2010 „Благословена земја Климентова”; 2015 „Езеро, рибари и боемот” сите во издание на Ирис-Струга.
На 6 декември, 2019 година НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид писателот Коста Фортомароски го прогласи за почесен член на Библиотеката.
Посмртните останки на Коста Фортомароски утре од 13:00 до 13:30 часот ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид.