Почна заловување кучиња скитници во Охрид
Избрана ветеринарна амбуланта за хуман третман на кучињата скитници во општина Охрид. Најповолна понуда дала демирхисарска амбуланта од четирите ветеринарни амбуланти пријавени на тендерското надавање. Еден месец се работи на терен, се заловуваат бездомни кучиња за кои ЈП ќе исплаќа по 3.906 денари по третман за едно куче скитник, информира Сашо Најдески, директорот на ЈП Охридски Комуналец.
„До денес има заловени 20 до 30 кучиња сктиници. Дел од нив повторно се вратени на заловените подрачја по укажаниот целосен хуман третман. Ќе продолжиме и понатака согласно договорот кој е во вредност од 500.000 денари, а со кој е предвидено од 80 до 90 кучиња во текот на годината да добијат хуман третман“-кажа Најдески.
ЈП Охридски комуналец има мапирано 70 кучиња скитници на на територија на општина Охрид. Избраната ветеринарна амбуланта има обврска да ги заловува кучињата скитници со логистика на ЈП Охридски комуналец. Заловените кучиња се задржуваат во прифатилиштето се додека не заврши третманот на вакцинација , кастрација и утврдување на здрвената состојба. Од ЈП Охридски Комуналец се оптимисти дека ќе биде успешен ваквиот начин на третман на кучињата скитници.
„Општините во државата во 90 проценти го решаваат проблемот со кучињата скитници на овој начин, освен град Скопје кој го има ЈП „Лајка“ за хуман третман на бездомните кучиња. Југозападниот плански регион има планови за меѓуопштинско решавање на овој проблем со изградба на две станици во Охрид и Кичево , но се е само на идеа“-заклучува Најдески.
Општина Охрид со години бараше начин како да го реши овој сериозен проблем со кучињата скитници,но досега безуспешно. Стационарот на Мауцкер заглави со години во бирократските лавиринти, а до ЈП и општина Охрид стигнуваат бројни тужби од граѓани за оштетни побарувања поради напад од кучиња скитници. Минатата година до ЈП Охридски комуналец по овој основ имало дури 29 барања за надомест на штети од каснување на кучиња скитници. Од почетокот на годинава до сега пристигнале 3 пријави од граѓани.